23.08.2010, 17:43 Пониква станува нова туристичка убавица
Иван Бојаџиски
ШТИП - Месноста Пониква на Осоговските Планини, помеѓу Кочани и Пробиштип, станува нова туристичка дестинација во источниот дел на Македонија. Во предел со шуми, ливади, потоци, богат со разновидни плодови и животни, на надморска височина од 1.600 метри веќе се изградени над 200 куќички за одмор, ресторани, одморалишта. Близината на Штип - 50 километри, на Кочани - 18 километри, на Виница - 28 километри, на Пробиштип, Кратово е главна причина што се наполни со гости овој преубав локалитет летово. Во текот на овој месец, секој ден, на Пониква престојуваат по над илјада лица.
„Правиме се' што е во наша надлежност Пониква да се развие во голем летен и зимски туристички центар. Четирите објекти од отворен тип со над 200 легла во комерцијална понуда летово беа речиси целосно исполнети. На Пониква луѓето доаѓаат и на еднодневни прошетки што го дозволува близината на повеќе поголеми места од регионот. Имавме посетители и од Скопје, Велес, Струмица“, вели Ратко Димитровски, градоначалник на Кочани.
Двете општини, Пробиштип и Кочани, заеднички работат на урбанизација на просторот на Пониква каде што треба да бидат исцртани новите локации за викендички и објекти од комерцијалното угостителство. Димитровски вели дека најмногу за три месеци, во рамките на Источниот плански регион, ќе имаат нов урбанистички план, а од идната пролет заинтересираните ќе можат да конкурираат за градби на овој простор. „На границата меѓу двете општини правиме две вештачк�� езерца што ќе ги полнат планински води, а ќе бидат завршени до идното лето“, најавува кочанскиот градоначалник.
Поголемиот дел од локацијата која сега се третира како туристички оформена територија е во општина Пробиштип. Меѓутоа, жителите на рударскиот град наместо пат од четиринаесет-петнаесет километри, до Пониква поминуваат трипати подолг пат. Градоначалникот Тони Тоневски вели дека нивни стратегиски приоритет преку покус пат да ја поврзат осоговската убавица со рударскиот град.
„Од Пробиштип до одморалиштето од 15 километри половина се асфалтирани, но другата половина е во лоша состојба. Изградбата на оваа насока е влезена во приоритетната програма на Источниот плански регион со тоа што се планира преку Пониква да се поврземе и со Македонска Каменица. На наша територија сега има стотина викендички. Пробиштипјани бараат локации за да градат куќички за одмор на Пониква. Затоа наскоро ќе поднесеме барање за нови локации до Министерството за транспорт и врски, а за тоа изработивме детален урбанистички план“, нагласува Тоневски.
Во делот на Пониква е и еден од најдобрите ловни резервати во државава. И годинава дојдоа многу странци понесени од страста по ловење. Гркот Димитрос Спанулис, кој редовно доаѓа на лов во македонските резерват, а за тоа не жали пари, вели дека Пониква е вистинска убавица, а резерватот еден од трите најдобри и најбогати со дивеч во Европа. „Сум бил на многу места на стариот континент. Овде е прекрасно. И идната година ќе дојдам да ловам и да одморам, а ќе го донесам и моето семејство“, рече Спанулис. |