31.03.2012, 11:28 Нимиц: Можно е решение за името, кое ќе им одговара и на двете страни
Медијаторот во интервју потсетува дека предложил идеи, но, за жал, ниту едно решение до сега не било прифатливо за двете земји
Треба да бидеме многу упорни годинава за да создадеме поволни околности за постигнување договор меѓу Скопје и Атина. Тоа значи вистински дијалог помеѓу нив, а исто така и јавни изјави и активности што ќе отворат пат кон можен договор, истакнува посредникот на ОН во грчко–македонските разговори за името Метју Нимиц во интервју за програмата „Порта“ на МТВ.
- Никогаш не сум правел предвидувања за некоја временска рамка, иако би сакал да бидам во можност, но за жал, не можам да го направам тоа. Меѓутоа, сметам дека ова е многу важно прашање за двете Влади и дека треба да биде нивни приоритет. Многу сум охрабрен од фактот што дијалогот меѓу двата премиера продолжи и го сметам за позитивен фактор, вели Нимиц за тоа дали е можно да се постигне некаков компромис оваа пролет или оваа година.
Тој не е обесхрабрен оти во изминатите 17 години медијација на процесот, не се дојде до решение. Уверен е дека за сиве овие години и двете страни разбрале оти ова е многу деликатно прашање кое има големо значење за двете земји и дека за да се постигне договор мора да постои некакво приспособување.
- Сите тие години на преговори не се залудни, иако ми е жал што не овозможивме поголем напредок и не пронајдовме решение за ова прашање. Знам дека некои луѓе се чувствуваат обесхрабрено, меѓутоа, јас не се чувствувам обесхрабрено во оваа фаза од процесот. Она што го научивме досега е дека ако луѓето се соседи и треба да пронајдат решение за многу деликатно прашање, тоа може да се постигне само со компромис. Ако сакате да бидете добар сосед, и двете страни треба да ги разберат начините на рамислување на другата страна и мора да постои некакво приспособоување, истакнува амбасадорот Нимиц.
Тој со став дека одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг е многу важна и сите треба да ја сфатат многу сериозно, но и дека неговиот мандат е во рамки на ОН, а тоа значи дека нема никаква улога во Меѓународниот суд на правдата, ниту пак во НАТО.
- Она што сметам дека е важно е да ја продолжам мојота улога, во согласност со резолуциите на ОН со цел да се обидам да издејствувам решение и да ја оставам работата во правниот процес и во процесот на НАТО, бидејќи функцијата што јас ја имам, всушност, не е поврзана со тие процеси. Меѓутоа, морам да признаам дека одлуката на Меѓународниот суд на правдата секако, е многу важна, вели Нимиц.
Потсетува дека во текот на изминатите годините дал повеќе предлози до двете страни и им предложил неколку идеи, но, за жал, вели, ниту едно решение не било прифатливо за двете земји.
- Сметам дека имаше неколку многу важни идеи, но факт е дека се уште не сме дошле до никаков заклучок. Меѓутоа, секогаш постои можност да се појави нов предлог кој ќе биде поуспешен, или пак, некој стар предлог да биде преформулиран така што ќе биде на задоволство на двете земји. Иако знам дека еден ден ќе се пронајде решение за овој спор, сепак, и во двете земји секогаш ќе постојат луѓе кои ќе сметаат дека тоа решение не е правилно од нивна гледна точка. Можеби никогаш нема да имаме решение кое ќе биде 100 проценти прифатено од двете страни, но, сметам дека може да се пронајде крајно решение кое ќе ги задоволува националните интереси на двете земји, дециден е Нимиц.
Во врска со вклучувањето на идентитетските прашања во процесот, тој посочува дека „во резолуциите на ОН и членот 5 од Привремената спогодба е нагласено дека треба да се постигне заедничко решение за името на земјата и оти тоа е фундаменталното прашање“.
- Во резолуциите на ОН не се зборува за справување со идентитетот на луѓето. Моето лично согледување е дека идентитетот првично е дефиниран од нив самите. Очигледно е дека при дефинирање на својот идентитет, луѓето мора да го почитуваат идентитетот на другите, особено на нивните соседи, така што ова исто така, станува важно прашање. Меѓутоа, мора да знаеме што е приоритетно. Во моментов, тоа е е да се реши прашањето за официјалното име на земјата што ќе биде прифатено од сите и ќе го трасира патот за решенија на регионални прашања и членството во различни организации. Доколку најдеме решение за ова прашање, сигурен сум дека сите други прашања ќе си дојдат на свое место, нагласува медијаторот.
Најважно е, вели, земјата е да го реши овој спор за потоа да продолжи понатаму како полноправна членка во евроатлантските структури, вклучувајќи ги НАТО и ЕУ.
- Тоа мора да претставува најголем приоритет. Сите ��наеме колку е тежок овој спор за името и дека двата народа мора да го решат и нивните постапки да изградат добри односи и пријателство, за овој процес да функционира. Еден ден и двете земји ќе бидат членки на НАТО и партнери во ЕУ. Ние сакаме да дојдеме до тоа што е можно побргу и затоа се обидуваме да изградиме позитивни односи меѓу двете држави, порачува Метју Нимиц во интервјуто за емисијата „Порта“ на МТВ. |