04.04.2012, 18:48 „Телеком“ го почести буџетот со 38 милиони евра од дивидендата
Дивидендата з�� минатата година изнесува бруто 6,1 милијарди денари, или 100,2 милиони евра
Сања Наумовска
Државниот буџет ќе се здебели за нови 38 милиони евра дивиденда од „Македонски телеком“. Годинава Собранието на телекомуникациската компанија одлучи да подели дивиденда за минатата година во бруто-износ од 6,1 милијарди денари, односно 100,2 милиони евра. Владата ќе добие 2,3 милијарди денари, односно околу 38 милиони евра, како акционер кој поседува 38,7 проценти од акциите во „Телеком“. Исплатата на дивидендата ќе се изврши во периодот меѓу 25 април и 7 мај годинава.
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески вчера изјави дека парите од дивидендата се очекуван прилив во буџетот. Тие немаат специфична намена, туку, како што потенцираше Ставрески, и ќе се искористат за многу буџетски потреби.
Во вкупниот бруто-износ на дивидендата за 2011 година се внесени и 20 милиони евра од добивката на „Т-мобиле“ која се префрла од 2010 во 2011 година. Се очекува најмногу пари од дивидендата да добие фирмата „Камени мост“, како најголем поединечен акционер, поседуван од унгарскиот оператор „Матав“. На оваа компанија и' следуваат 51 отсто од акциите на „Телеком“, а веднаш по неа е Владата со околу 38 отсто од акциите.
Дивиденда, исто така, ќе добијат и 3.900 македонски граѓани кои се сопственици на 2 отсто од акциите во македонски „Телеком“ и 29 граѓани од странство, инвеститори, кои поседуваат 0,03 отсто од сите акции на „Телекомот“. Според официјални податоци, еден на 500 државјани на Македонија поседува акции во „Телекомот“. Вкупната сума што компанијата ќе ја исплати на сопствениците на акции, изнесува 1,78 милиони евра. Тоа значи дека просечно секој домашен акционер – физичко лице во „Телекомот“ поседува 493 акции за кои ќе добие 456 евра во денарска противвредност. Странските физички лица во просек ќе добијат дивиденда од 825 евра за акциите на компанијата.
„Добивката годинава се состои од две компоненти. Едната е добивката на ’Телеком’ со тоа што имаше и исплата на дивиденда од ’Т-мобиле’ за 2010 година, која излегува во консолидираните извештаи на 2011 година“, изјави по седницата претседателот на Собранието на акционери, Горан Торбаков.
Во дивидендата за 2011 година од 6,1 милијарда денари, односно 71,46 денари по акција, вклучен е данокот на добивка, персоналниот данок на доход и данокот по задршка. Право на дивиденда за минатата година имаат сите акционери кои ќе бидат евидентирани во книгата на акционери на македонски „Телеком“, на 11 април 2011 година. Последен ден на тргување со право на дивиденда за минатата година е петок, а прв ден за тргување без право на дивиденда за 2011 година е 9 април годинава. Добивката на „Телеком“ и на „Т-мобиле“ Македонија лани изнесуваше 80 милиони евра. |