31.03.2012, 18:57 МВР пресече меѓународен хероински канал
Македонската полиција вчера пресече меѓународен канал на недозволена трговија со хероин на релација Македонија – Грција и понатамошен транспорт во Шпанија во рамки на акцијата „РЕАЛ“.
Како што соопшти МВР, идентификувани се осум членови на криминалната група, македонски државјани на возраст од 25 до 63 години.
Одделот за недозволена трговија со дрога (ОНТД) до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска ќе поднесе кривична пријава против лицата Б.И.(1986) од село Студеничани, М.А.(1972) и М.П.(1971) двајцата од Велес, А.Г.(1948) од Охрид, М.Н.(1965) од село Калишта, Струга, Д.Д.(1982) од село Ливада и Струга, О.М.(1978) од Скопје за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, а Б.С.(1983) од Велес, полициски службеник кој и помагал на криминалната група ќе биде пријавен за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Од страна на Одделот за недозволена трговија со дрога подолго време е водена истрага против организираната криминална група од Ма��едонија која се занимавала со недозволена трговија со хероин, при што вчера во 14 часот при преземени координирани мерки и активности на граничниот премин „Богородица”, сопрено е патничко возило „опел омега” со скопски регистарски таблици, управувано од О.М. (1978) од Скопје. При извршениот преглед на возилото во задната лева фабричка шуплина на багажниот простор пронајдени се пет пакувања во правоаголна форма облепени со широка бела селотејп лента, во кои имало два килограми и 460 грама високо квалитетен хероин.
Вредноста на запленетиот хероин на наркопазарот во Европа се проценува дека изнесува околу 100.000 евра на големо, додека на мало може да достигне три пати повисока цена.
При реализација на случајот извршени се пет претреси во домови и други простории на подрачјето на Скопје, Велес, Струга и Охрид, при што не се пронајдени предмети од интерес на службата.
Осомничените и претходно и се познати на полицијата и против нив во повеќе наврати се процесуирани кривични пријави, а за дел од нив постоеле оперативни сознанија дека се дел од таканаречената „Франкфурт мафија“.
Од ОНТД ќе бидат преземени дополнителни мерки и активности заради утврдување на други лица припадници на криминалната група и целосно расчистување на случајот. |