06.04.2012, 17:20 Во Албанија само со лична карта
Веста новинарите ја слушнаа на експресната прес-конференција, која траеше пет минути
Рампата меѓу Македонија и Албанија падна денеска. Македонските граѓани отсега ќе патуваат во оваа соседна земја со лична карта, а истото ќе важи и за албанските кога ќе доаѓаат во Македонија.
Ова како радосна вест го објави денеска албанскиот амбасадор Арбен Чејку, оценувајќи дека со овој потег се дава европска димензија на односите меѓу двете земји и ќе го олесни доаѓањето на нашите граѓани летово на албанското крајбрежје. Прес-конференцијата беше најекспедитивната видена досега во Македонија, бидејќи траеше само пет минути, откако по соопштувањето на веста амбасадорот едвај дозволи едно прашање, на кое избегна да одговори.
Запрашан како го коментира настапот на претседателката на албанскиот парламент Јозефина Топали во Скопје, кога пред пратениците изјави дека главниот град на Македонија за првпат бил ослободен од отоманската окупација од Албанецот Дервиш Цара во 1844 година, амбасадо��от одговори дека нејзината посета била многу значајна, бидејќи дошла три недели по посетата на шефот на дипломатијата Едмонд Хаџинасто и три недели пред посетата на претседателот Бајрам Топи.
Според Топали, Цара влегол во Скопје со 10.000 албански бунтовници, го ослободил и побарал автономија. Скопје, Битола и Дебар потоа станале центри на албанското ослободително движење, кое се развивало паралелно со тоа на Македонците што доведе до Илинден.
Во македонскиот Институт за национална историја ова тврдење го окарактеризираа како политика, а не наука, со објаснување дека Цара бил турски заменик во Гостивар, кој никого не ослободувал, туку се противел на мобилизација на муслиманите во османлиската војска. (С.Ј.) |