03.04.2012, 14:07 Иванов се сретна со шефот на унгарската дипломатија Мартоњи
Претседателот Ѓорге Иванов денеска го прими унгарскиот министер за надворешни работи Јанош Мартоњи, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, оцени дека честите средби на високо ниво се потврда за одличните односи меѓу двете земји, засновани на пријателство, разбирање и соработка.
Шефот на државата изрази благодарност за доследната и принципиелна поддршка од страна на Република Унгарија за процесите на интеграција на Република Македонија во Европската унија и НАТО, јасно искажана во писмото на унгарскиот премиер Виктор Орбан до европските лидери во кое побара интеграцијата и надминувањето на билатералните разлики да се одвиваат паралелно.
Министерот Мартоњи истакна дека Република Унгарија целосно го поддржува почнувањето на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија и интеграцијата во НАТО. Воедно, тој изрази надеж дека отвореното прашање во врска со името ќе биде надминато преку конструктивен политички дијалог од двете страни.
На средбата беше заемно констатирано дека во периодот што следи треба да се поттикне билатералната соработка, со фокусираност на економијата, зголемување на трговската размена и привлекување и охрабрување на унгарските инвеститори, се наведува во соопштението од кабинетот на македонскиот претседател. |