05.04.2012, 17:40 Пораки од Капитол хил: И НАТО да покаже лидерство за проширување
Aмерикански конгресмени во посета на македонскиот државен врв. Да се преиспита заклучокот на НАТО - е главното барање од претседателот Иванов до делегацијата од САД
Слободанка Јовановска
Земјите-членки на НАТО да ги преиспитаат своите позиции во однос на Македонија, односно да го преиспитаат заклучокот од самитот во Букурешт - побара претседателот Ѓорге Иванов од американските конгресмени Дејвид Драјер, Дејвид Прајс, Џим Мекдермот, Ерик Паулсен и Гери Коноли, што неделава престојуваат во Скопје.
Дел од нив се од групата на 54-те конгресмени, демократи и републиканци, кои испратија писмо до претседателот Барак Обама и во кое побараа тој да осигура дека „НАТО конечно ќе и ја понуди на Република Македонија заслужената формална покана да и се приклучи на Алијансата на Самитот во Чикаго“, на 20 и 21 мај годинава.
Претседателот ги запознал петмината конгресмени со пресудата на Меѓународниот суд на правдата, која според него и дава кредибилитет и е потврда на исправната политика на Македонија.
Посетата на ��огресмените е рамките на програмата „Куќа за демократско партнерство“, а не во функција на притисокот Македонија да биде примена во алијансата. Сепак таа е една од низата активности на релација САД и Македонија, што го зголемуваат притисокот врз администрацијата на претседателот Обама да го оствари тоа што го кажа во Стразбур и да притисне за прием на Македонија во алијансата.
Освен писмото на 54-те конгресмени, деновиве во американските медиуми излегоа и повеќе текстови со кои се бара Македонија да ја добие заслужената награда за реформите и за учеството во мисиите, а во сите нив се споменуваат зборовите на американскиот претседател дека „се радува на денот кога САД ќе и посакаат добредојде на Македонија во алијансата“.
Освен со претседателот Иванов, конгресмените има средба и со премиерот Никола Груевски и преставници на Парламентот. Иванов ги уверил дека Владата ќе има конструктивен пристап кон спорот со Грција, дека е посветена на барањето решение за името што поскоро, но со забелешка дека за да се постигне тоа треба добра волја и одговорен пристап и од нашиот јужен сосед. Конгресмените сметале дека приемот на Македонија во НАТО ќе значи позитивен импулс за целиот регион, натамошна стабилизација на односите и ширење на зоната на стабилност и безбедност.
Паралелно со нивната посета, излезе анализа на весникот на американскиот Конгрес во која се вели дека централниот столб на НАТО,т.е. проширувањето, е отфрлено од агендата во Чикаго и дека тоа мора да се поправи.
„Одбивањето прием на земјите како што е Македонија, која ги исполни сите потребни услови и постојано придонесува во колективната одбрана на Алијансата, ги ослабнува клучните регионални цели на безбедноста, стабилноста и просперитетот. Со пресудата на Меѓународниот суд на правдата се расчисти законскиот и политички пат за заокружување на зачленувањето на Македонија, а тоа ќе ја натера Грција да прифати компромисно решение и да се откаже од отровниот етнички спор. Таков чекор ќе ја потврди определбата на НАТО за зајакнување на Алијансата, која, како што напиша и самиот генерален секретар, мора да биде „Алијанса што постојано ќе се менува за да може да се справува со денешните и со утрешните безбедносни предизвици“,стои во анализата. Според неа, самитот во Чикаго е „времето и местото“ каде сојузниците на НАТО треба да покажат лидерство и спремност за проширување и политика на отворени врати за сите членки што ги исполниле условите.
„Одбивањето на Македонија претставува опасен преседан за другите регионални ривали дека една земја може бесконечно да го попречува приемот на друга земја. Ова може да се покаже како поттик за држење на приемот во НАТО како заложник на билатералните неправди“, се вели во анализата на весникот. |