31.03.2012, 11:45 Меркел: Иднината на ЕУ е политичка унија
Германската канцеларка, Ангела Меркел е оптимист и верува дека заедничката европска валута, еврото има смисла и покрај проблемите кои ги имаат Грција, Португалија и Шпанија, јави дописникот на МИА од Прага.
- Во секој случај е грешка дека сме се уште далеку од политичка унија. Тогашната одлука за заедничка валута, беше историски исправен и решавачки чекор. Но, денеска гледаме дека и така важен стабилизирачки пакт речиси не беше добро закотвен. Правилата не се заоструваа, туку „омекнуваа“ и тоа сметам дека беше сериозна грешка, изјави Меркел за чешкиот весник „Лидове новини“.
Идната политичка унија, според канцеларката, би требало да изгледа така што Европската комисија би била како влада на ЕУ, а Европскиот парламент би бил нејзин орган за контрола.Европскиот совет составен од шефовите на владите на одделни членски земји би можел да бидат втора Комора на Парламентот.
Останува прашањето, колку сложен процес би бил патот на таквата федерализација на Европа.
За Меркел, важен чекор за идната политичка унија е оствареното потпишување на фискалниот пакт на ЕУ за одржување на буџетската политика од страна на сите потписници. Иако Чешка и Велика Британија не го потпишаа Договорот, за Меркел тоа не значи дека чешката држава ќе биде изолирана во рамки на Унијата. Таа упати пофалби за работата на Владата на Петр Нечас и реформите кои се обидува да ги спроведе.
- Ја почитуваме одлуката на Чесите да ја користат нуклеарната енергија, нашите соседи за тоа одлучуваат самостојно, одговори Меркел на прашањето во врска со користењето на нуклеарната енергија, со оглед на тоа што Германија одлучи да ги затвори нуклеарките по 2022 година. |