30.03.2012, 15:47 Кој плаќа 7.000 евра годишно за одржување кола?
Амортизацијата донесе нови возила за полицијата
Горан Адамовски
Годишните трошоци за амортизација на старите „крајслери“ се околу 7.000 евра, па подобро да купиме нови возила е логиката на Министерството за внатрешни работи, кое распиша тендер за набавка на нови 150 полициски автомобили. Три илјади евра чини само замена на автоматскиот менувач на „крајслерите“, тврдат од МВР.
Во автосалоните, пак, велат дека според нивните искуства, граѓаните во просек годишно плаќаат до 500 евра за амортизација на своето возило, што подразбира трошоци за менување гуми, масло, каросерија или поправка на мотор. Сепак, треба да се знае дека возилата на полицијата годишно минуваат и до 50.000 километри, се возат на секакви патишта и во секакви пригоди, поради што почесто се оштетуваат.
Вкупно 210 „крајслери“ и 30 теренски џипови со бензински мотор беа набавени во 2000 година. Автомобилите досега минале над 500.000 километри. Околу 40 од нив, денеска се неупотребливи. Тие што се во возна состојба, пак, бараат многу пари за оддржување.
„Многу често се расипуваат дури и менувачите, кои чинат 3.000 евра. Кај некои возила, двапати годишно мораме да им го смениме. Трошоците се големи, за нова каросерија, центрирање на предница и слично, плаќаме по 2.000 евра. Плус, за ‘крајслерите‘ тешко е и да се набават делови, треба да се нарачаат, а сето тоа чини“, вели Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност во МВР. Кога постои можност, возилата се поправаат во сервисот на МВР за да се заштеди.
Во автосалоните низ Скопје објаснуваат дека најчестите оштетувања на возилата се случуваат поради лошите патишта. „Маслото се менува на секои 60.000 километри, на кочниците и побргу. На секои 60.000 изминати километри, се препорачува и замена на филтерот за масло во менувачот, што чини околу 250 евра. Замена на целиот менувач чини многу пари, околу 3.000 евра, но тоа многу ретко се случува. Обично тоа се бара кога возилото е искршено по сообраќајка“, тврдат во скопските автосалони. Според нивните искуства, еден граѓанин во просек секоја година плаќа околу 400-500 евра за амортизација на своето возило.
Сметките за бензин се дополнителни и не влегуваат во трошоците за амортизација. Ако се има предвид дека „крајслерите“ во рок од 12 месеци минуваат околу 50.000 километри, а трошат 14 литри на 100 км, тогаш може да се пресмета дека само за бензин (еден литар - 89 денари), МВР годишно плаќа околу 10.000 евра по возило.
МВР распиша тендер за набавка на нови 150 возила, кои ќе ги отплаќа на 36 рати. Станува збор за купување возила, а не лизинг, така што со потпишување на договорот и испораката на возилата, сопственик на возилата ќе биде МВР. Повикот за прибирање на најповолни понуди е распишан на интернет страницата на Бирото за јавни набавки. Јавниот повик за прибирање на понуди ќе биде отворен 42 дена. Единствен услов за склучување на договорот е висината на цената. |