05.04.2012, 11:59 Клинтон ги охрабри напорите на Косово за членство во ЕУ
Косовскиот премиер Хашим Тачи престојува во посета на САД, во чии рамки се сретна со американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон.
Американскиот државна секретарка Хилари Клинтон ги охрабри напорите на Косово да стане полноправна членка на Европската унија.
Клинтон на средбата во Вашингтон со косовскиот премиер Хашим Тачи ја поздрави одлуката на ЕУ да почне со проверка на можноста за кандидатура на Косово за членство во Унијата. Таа оваа одлука ја означи како чекор напред кон членството во ЕУ, кој покажува дека европските и косовските лидери се одлучни да ги зајакнат меѓусебните врски.
Проверката има за цел да ги дефинира прашањата кои Косово ќе треба да ги разгледува со Брисел на патот за добивање полноправно членство во Унијата. Европскиот комесар за проширување Штефан Филе го означи кон крајот на минатиот месец во Приштина почетокот на тоа истражување.
Клинтон нагласи дека САД целосно го поддржуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Косово. Таа додаде дека Вашингтон го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија, воден со посредство на ЕУ.
„Косово е стабилна и независна држава, која е подготвена да стане полноправна членка на светската заедница, како во ЕУ, така и во НАТО“, истакна американскиот државен секретар.
Тачи на средбата вети дека ќе продолжи со реформите кои имаат за цел зајакнување на косовските институции и унапредување на економијата.
Косовскиот премиер, со кого во Вашингтон отпатуваа и министрите за надворешни работи и за европска интеграција, Енвер Хоџај и Вљора Читаку, денеска (05.04) треба да се сретне со потпретседателот на САД Џо Бајден, додека за петок (06.04) е планирана средба со американскиот претседател Барак Обама. Хашим Тачи треба да одржи разговори и со поранешната државна секретарка, Медлин Олбрајт, како и со сенатори и конгресмени, а предвидено е во седиштето на Обединетите нации во Њујорк да се сретне се генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун.
|