05.04.2012, 16:51 Гнев во Грција по самоубиството на пензионерот
Депресијата и бројот на самоубиства се во пораст поради економските мерки за штедење
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Самоубиството на 77-годишниот пензионер на плоштадот Синтагма во центарот на Атина остави горчлив вкус кај неговите сограѓани. Вознемирени од последниот крик на овој пензиониран аптекар, чии последни зборови во средата изутрината биле дека не сака во наследство на децата да им остави долгови, илјадници Грци од средата попладнето непрекинато се собираа во Атина, Солун, Ираклио со цвет, пораки и поеми да му искажат последна почит на својот сограѓанин и да го изразат својот револт против владините мерки за штедење.
Местото на кое се случи трагичниот настан на плоштадот во Атина е покриено со поеми, пораки за овој чин, лични последни зборови, венци и свеќи. Наоколу стојат млади и стари, некои во тишина, а некои внесени во гласна расправија за тоа до каде ќе стигнат со мерките за штедење со кои се соочуваат секојдневно преку намалени придонеси, поскапени сметки и зголемени даноци. „Кој ќе биде следниот?“, „Ве молиме, не спасувајте не' веќе“, „Ова не е самоубиство, туку политичко убиство“, „Државата и вашата апатија доведоа до ова“ се дел од пораките оставени наоколу на Синтагма. Граѓаните почнаа да се собираат со договори на социјалните мрежи. Собирот во средата на неколку илјадници атињани пред грчкиот парламент подоцна во ноќта ескалираше во судир на група маскирани демонстранти со полицијата. Тензијата траеше околу еден час.
Во прошталното писмо кое беше најдено, 77-годишниот поранешен аптекар објаснува дека се одлучил на овој чин поради владините мерки за штедење и остава порака на младите да започнат револуција против ова што им се случува. „Јас сум на возраст која не ми дава многу можности за да реагирам и да се бунтувам. Не гледам друго решение освен еден достоен крај пред да почнам да пребарувам низ кантите за отпадоци за да се прехранам“, стои во неговото последно писмо. Како што пренесуваат грчките медиуми, човекот бил активен и учествувал на сите протести против владините мерки. Потегот на 77-годишниот пензионер отвори дебата меѓу граѓаните дали е ова последниот очаен крик што треба да им ги отвори очите или, пак, не треба да се преувеличува до степен на политички акт.
„Статистиките на грчкото Министерство за здравство покажуваат дека депресијата и бројот на самоубиства се во пораст поради економските мерки за штедење кои беа засилени со новиот заем за Грција кој го договори премиерот Пападимос, а граѓаните стравуваат и од нови мерки во почетокот на летото. Според податоците на Министерството за здравство, од декември 2011 Грција има најголема стапка на самоубиства во 2011 во цела ЕУ. Минатата година стапката на самоубиства пораснала за 40 отсто во споредба со 2010. Пред почетокот на грчката должничка криза, според статистиките, Грција ја имала најниската стапка на самоубиства во Европа, односно 2.8 на 100.000 жители.
Како што забележува „ЕУ обсервер“, мерките за штедење во Грција отворија една поголема дебата на ниво на ЕУ за тоа колку е ефективен овој лек за штедење и дали можеби наместо да му помага, само повеќе му наштетува на пациентот. Самите Грци се свесни дека новите заеми не ги враќаат во некој покомотен живот, туку само им помагаат да преживеат до следниот први во месецот. Многумина велат дека се соочени со фактот дека државата не ја раководи грчката влада, туку ЕУ и ММФ.
Робин Худ во Атина
Петнаесетмина луѓе упаднаа во супермаркет во Атина и украдоа прехранбени продукти по што ги раздаваа на случајни минувачи, јавуваат грчките медиуми.
„Тоа е нов удар на современите Робинхудовци во Грција кои веќе не напаѓаат од шума, туку во град крадат од супермаркети поради кризата“, потенцираат грчките медиуми во извештаите.
Монти обвинет за самоубиства
Рим - Италијанскиот премиер Марио Монти беше обвинет дека е одговорен директно за самоубиството на тројца Италијанци кои не можеле да се справат со новите економски мерки.
Сопственик на градежна фирма на возраст од 52 години вчера се самоуби, наведувајќи во проштално писмо дека го прави тоа бидејќи фирмата му банкротирала. Еден ден претходно, 78-годишна жена од Сицилија се самоуби поради намалување на пензијата, додека во понеделникот се самоуби и сопственик на дуќан за изработка на рамки поради економски тешкотии. Минатата недела две лица се обидоа да се самозапалат во Верона и во Болоња.
Според опозицискиот лидер Антонио ди Пијетро, сите жртви кои не можат да ја издржат кризата одат на совест на Монти. Премиерот засега не даде коментар. Новите економски мерки се причина и за самоубиства во Грција и на Кипар. |