05.04.2012, 12:02 Најсреќна земја во светот е Данска
Најсреќна земја на светот е Данска, по која следуваат соседните земји Финска и Норвешка, откри шестгодишната студија на Обединетите нации спроведена во 156 држави.
Четврото место го зазема Холандија, петто Канада, а следуваат Шведска, Нов Зеланд, Австралија, Ирска, САД, Костарика, Австрија, Израел, Белгија, Луксембург, Обединети Арапски Емирати, Велика Британија, Венецуела и Исланд.
Македонија е на 127-то место, а од земјите од регионот последна е Бугарија, која е на 147 место.
Од земјите од регионот најсреќна е Грција, која е на 42-то место, по која следуваат Словенија (49-то), Хрватска (58), Косово (68), Албанија (88), Босна и Херцеговина на 99-то и Србија на 118-то место, со оценки меѓу четири и шест.
Најсреќните земји во светот главно се наоѓаат во северна Европа а нивната оценка на сопствениот живот изнесува 7,6 на скалата од нула до десет, покажува истражувањето на ОН, прво од ваков вид.
Најнесреќните се во Африка (Того, Бенин, Сиера Леоне), а нивната оценка е 3,4. Меѓутоа, истражувањето покажува дека парите не се единствената работа која ги усреќува луѓето. Тука се политичкит�� слободи и изостанувањето на корупција на општествено ниво и психичкото и физичкото здравје, сигурната работа и семејната хармонија на приватно ниво.
Извештајот на ОН накусо покажува колку луѓето се задоволни од сопствениот живот, а истражувањето, меѓу останатото го покажало и следното:
- Среќните земји главно се богати. Меѓутоа, општествените фактори како личната слобода и изостанокот на корупција, се покажале далеку поважни од приходите.
- Среќата генерално расте паралелно со подигнувањето на животниот стандард, но тоа не е правило, на пример во САД. Во просек, светот станал посреќен во последните 30 години.
- Невработеноста предизвикува подеднакво несреќа како и смртта на блиските или развод. На работа ни е поважна сигурноста и добрите односи отколку висината на платата и разумното работно време.
- Менталното здравје е најбитен фактор кој влијае на среќата во која било земја. Меѓутоа, само четвртија од психичките болни добиваат адекватна лекарска помош во развиените земји, а уште помалку во неразвиените.
- Во развиените земји жените се посреќни од мажите
- Најнесреќни се луѓето од средовечна возраст.
|