04.04.2012, 15:09 До крајот на годинава ќе се знае кои генерали ќе заминат во пензија
Во командниот состав на Армијата на Република Македонија треба да има само осум генерали, предвидува Одлуката за трансформација во АРМ што неодамна ја потпиша врховниот командант, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
- Во сегашната формација предвидени се формациски места со чин генерал на осум позиции, но се уште нема донесено одлука кои генерали ќе останат. Во тек сме на разгледување и доставување предлог. До крајот на годинава ќе имаме јасна слика кои од досегашните генерали ќе заминат во пензија, изјави началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котевски во одговор на прашање при денешното примопредавање на должноста командант на полкот за специјални операции на АРМ.
Трансформацијата, посочи, е веќе започната, а дел од неа е и денешната промена на командантот на полкот за специјални операции.
- Трансформацијата подразбира менаџирање и поставување на персоналот, дислокација на единиците од одредени места и модернизација на АРМ. Во изминатиот период имаме извршено одредени смени и нови поставувања на командни должности кои беа во надлежност на претседателот на Република Македонија и на министерот за одбрана. Натамошните поставувања во областа на персоналниот менаџмент се во надлежност на началникот на ГШ, рече генерал-мајор Котески.
Очекувам, нагласи, трансформацијата да тече според динамичкиот план кој е предвиден да трае до крајот на 2015 година.
|