06.09.2012, 15:41 Започна „Тиквешкиот гроздобер“
Кавадарци – Со отворање на изложбата од ликовната колонија „Кавадарци -Михајлово 2012“ и концертот на народна музика посветен на Никола Бадев, во Кавадарци почна стопанско-туристичката и културна манифестација „Тиквешки гроздобер 2012“. Организаторот најавува многубројни содржини со кои симболично ќе се прослави бербата на грозје во најголемиот лозарско-винарски регион во Македонија.
Носител на сите програмски подготовки е Домот на културата „Иван Мазов- Климе“. Сите активности од манифестацијата во основа имаат негување на културата, традицијата и обичаите, истакнување на лозарско-винарската компонента и развој на винскиот туризам во рамките на локалниот економски развој на општината со експонирање на малите винарски визби.
По повод Денот на ослободувањето на Кавадарци, Советот на Општината ќе одржи свечена седница на која ќе бидат доделени седмосептември награди на кавадарчани кои дале особен придонес во афирмација на градот и општината.
Централен настан е „Винскиот карневал“ закажан за 8 Септември на кој ќе учествуваат над 1.000 учесници од Македонија и од повеќе градови со кои Кавадарци негува соработка на културен план. По завршувањето на карневалот ќе следува симболично откинување на првиот грозд.
Познатата белградска рок-група „Ван Гог“, босанската атракција „Дубиоза колектив“ и бендот „Галија“ се носечките имиња на годинешното издание на „Тиквешкиот гроздобер“. Многубројните гости ќе може да уживаат и во првото издание на „Лав сензејшн фестивал“, на кој ќе настапат познати имиња од светската и македонската клупска електро-сцена. (А.Д.) |