23.12.2012, 17:14 ДУИ во дилема што да прави
Ако ДУИ застане зад предлогот на Вељаноски, тогаш тој принцип може да се примени и за законот за бранителите
Татjана Поповска
Партијата на Али Ахмети е во дилема дали да го поддржи коалицискиот партнер ВМРО-ДПМНЕ во напорите да го деблoкира усвојувањето на буџетот, бидејќи начинот на кој претседателот Трајко Вељаноски сака да го стори тоа може да биде од пресудно влијание и за законот за бранителите. Доколку ДУИ застане зад предлогот на Вељаноски - да ги суспендира надлежните собраниски тела, Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија, тогаш тој принцип може да се примени и за законот за бранителите, чие донесување ДУИ го блокира со 15 илјади амандмани.
За ова прашање, во саботата, пратеничката група на ДУИ имала координација на која се консултирале и со надворешни советници околу натамошните постапки и опасноста да се прекрши деловничката процедура. Координаторот на пратениците на ДУИ, Талат Џафери, вчера не сакаше да открие што било договорено на состанокот, ниту, пак, дали ги поддржуваат предлозите на Вељаноски.
„Да почекаме да заврши денешната координација кај претседателот Вељаноски, па ќе го соопштиме нашиот став“, изјави вчера Џафери.
Во ДУИ го осудуваат однесувањето на СДСМ и сметаат дека тоа е на штета на државата и на економските процеси во земјава. Сепак, неофицијално висок партиски функционер предупредува дека ДУИ мора да биде внимателна во одлуката дали целосно ќе застане зад владиниот коалициски партнер, бидејќи тоа, како што вели, може да биде на нивна штета.
„Пристапот за деблокирање на буџетот што го предлага Вељаноски нам не ни одговара. Тоа ќе биде преседан кој во иднина може да се повтори и кај други закони, како што е оној за бранителите. Затоа има големо двоумење дали да го поддржиме овој предлог. Не сакам да верувам дека ќе дојде до тоа, буџетот без да помине на комисиите, да биде ставен на пленарна седница. Верувам дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, сепак, ќе најдат решение“, објаснува партискиот функционер.
Извори од координациите кај претседателот Вељаноски брифираат дека Џафери на тие состаноци се обидувал да балансира меѓу ВМРО-ДПМНЕ. Но, поголемиот дел од времето молчел и избегнувал да се вклучи во дискусија.
Од почетокот на кризата со усвојувањето на буџетот, впечатливо е дека интегративците се обидуваат да се тргнат настрана и целиот проблем да го натоварат на грбот на ВМРО-ДПМНЕ. Иако во неколку наврати беа повикувани од ДПА и НДП дека буџетот е дискриминаторски во однос на Албанците, ДУИ забележливо молчи и не одговара на овие критики.
Пратеникот од НДП Изет Зеќири, кој за буџетот предложи 420 амандмани, оценува дека ДУИ е преокупирана со законот за бранители и затоа не се грижи за буџетот.
„Откако повторно се закажуваат седници на Комисијата за труд и социјална политика, ДУИ само мисли како да го пополни времето таму. Секој ден мора да дискутираат десетина пратеници против законот за бранителите за да не им поминат амандманите. Наместо да се грижат за буџетот и да одговорат зошто како партија во Владата не ги реализираат проектите, тие само молчат“, смета Зеќири.
Според него, проблемот со буџетот, особено во делот на амандманите на НДП, не може да се реши ако министерот за финансии, Зоран Ставрески, прифати шест амандмани. ДУИ треба да преземе одговорност, зашто нема капацитет да ги реализира проектите кои се во интерес на Албанците.
И партијата на Мендух Тачи, ДПА, побара одговорност од ДУИ, како што велат, за „дискриминаторскиот буџет“ во кој Албанците учествуваат со 30 проценти, а назад им се враќа само два отсто.
|