07.06.2012, 18:45 НБМ: Ризиците од кризата се големи
Mакроекономските движења се релативно поволни, оценил Советот на НБМ на вчерашната седница
Економијата е анемична, паѓа индустријата осум месеци едно по друго, намалена е и личната и инвестициската потрошувачка, а ризиците од кризата во Европа се' уште се високи. Ова е оцената од вчерашната седница на Советот на Народна банка на Македонија.
Сепак, во соопштението се вели дека последните макроекономски движења во македонската економија, од монетарен аспект, се релативно поволни. На девизниот пазар, и покрај проширувањето на трговскиот дефицит во април и исплатата на поголем износ дивиденда на странски акционер, поголеми притисоци врз девизниот курс не се забележуваат.
Неповолните ефекти од овие фактори, делумно, се ублажени со натамошниот раст на нето-приливите од менувачкото работење, кои го надминуваат проектираното ниво. Во текот на април и мај, девизните резерви забележале умерен пад, но според централната банка, тие и понатаму се одржуваат на соодветно ниво, обезбедувајќи доволен простор за амортизација на евентуалните неповолни шокови. Од аспект на инфлацијата, по растот во април, главно условен од фактори со еднократен карактер, инфлацијата во текот на мај забави и се сведе на 2 отсто на годишна основа. „Показателите за домашната побарувачка укажуваат на забавување и на личната и на инвестициската побарувачка. Воедно, податоците за индустриското производство за април покажуваат годишен пад на активноста во индустријата во осум последователни месеци, а помалку поволни во однос на претходниот период се и движењата во останатите сектори. Ваквите сигнали за анемична економска активност, контролирани инфлациски движења, како и стабилниот девизен пазар се во согласност со последните промени на монетарните услови. Во почетокот на мај, Народна банка одлучи да ја намали основната каматна стапка на 3,75 отсто, давајќи им на тој начин поддршка на кредитната активност и на растот на домашната економија“, стои во соопштението на НБМ. Во него се додава дека кредитниот пазар на банките за април покажуваат благо зголемување на финансиската поддршка на корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните кредити во април забрзал достигнувајќи 8,5 отсто раст, при што најголема улога во новиот раст на кредитите има корпоративниот сектор. „И покрај стабилниот амбиент за монетарната политика, ризиците поврзани со неизвесноста околу надминувањето на должничката криза во еврозоната и ефектите врз глобалната и домашната економија се' уште се присутни и дополнително нагласени, поради многубројните тековни шпекулации за можните сценарија за Грција и еврозоната. Оттука, останува потребата од натамошно претпазливо водење на монетарната политика и постојано следење на макроекономските остварувања, на домашен и на глобален план“, оценува Советот на НБМ. (С.М.) |