27.09.2012, 14:25 Високо француско одликување за народниот правобранител
Францускиот амбасадор Шлумберже денеска на омбудсманот Иџет Мемети му го врачи одликувањето „Офицер на националниот ред за заслуги“
За особен придонес во одбрана на фундаменталните права на граѓаните и за негување на добрите односи помеѓу Македонија и Франција, како и на франкофонијата францускиот амбасадор Жан Клод Шлумберже денеска на Народниот правобранител на Република Македонија Иџет Мемети му го врачи одликувањето „Офицер на националниот ред за заслуги“ што му го додели претседателот на Република Франција Франсоа Оланд.
На свеченоста во француската резиденција во присуство на пратеници, претставници на релевантни институции, на амбасадорот на Шпанија во Македонија, како и најтесното семејство на Мемети, амбасадорот Шлумберже врачувајќи го ова престижно признание истакна дека тоа е резултат на личните постигнувања и квалитети на Мемети, за умереноста и неутралноста во извршувањето на функцијата Омбудсман, која е од суштинско значење за една правна држава и нејзините граѓани.
Тој особено ја истакна неговата отвореност за прифаќање на странски искуства особено на француското во делот на заштитата на човековите права и соработката со Жан Пол Делвуа, Народен правобранител на Франција од 2004 до 2011 година.
- Назначувањето за Народен правобранител од страна на Собранието на Република Македонија во 2004 година беше логична последица поради сето она што вие го спроведовте на професионален план. Собранието одлучи да му ја додели оваа функција на човек од правото со огромно искуство, посебно во време кога се воспоставуваше младата македонска држава за која што функцијата Омбудсман сеуште не беше многу блиска. Со тоа назначување беше дадено признание на вашите лични квалитети, рече Шлумберже.
Заблагодарувајќи се, Мемети истакна дека ова високо одликување го подразбира како признание за неговата работа, работата на институцијата која ја претставува, но и како поттик за натамошно залагање во областа на човековите права.
- Чинот на носење на ваков Указ сам по себе говори што значат човековите права, што значи дијалогот на различните нации и што значат заедничките проекти во самото општество, а посебно кога се на план на меѓународни односи. Тоа е големо богатство и за нашето општество. Ако народните правобранители со своите зборови успеат да уверат дека има прекршувања и дека тоа не треба да се случи, таквиот чин за нив е храна и поттик уште повеќе да работат на ова поле, рече Мемети, заблагодарувајќи се притоа и за поддршката што ја довива од Парламентот и од други релевантни институции за уште подобро да ја извршува функцијата.
Претседателот на Република Франција на 9 мај, годинава, донесе Указ за одликување на Народниот правобранител на Република Македонија Мемети со одликувањето „Офицер на националниот ред за заслуги“.
Иџет Мемети е правник со долгогодишно искуство во областа на правото и е прв именуван на функцијата Омбудсман од нејзиното воведување во правниот систем на Република Македонија. Мемети два пати ја изврпуваше и функцијата министер за правда.
Жан Клод Шлумберже со денешната свеченост и практично го завршува неговиот амбасадорски мандат во Македонија. Од понеделник ја презема функцијата шеф на мисијата на ОБСЕ во Косово. |