27.09.2012, 16:05 Скинато првото преспанско јаболко
Ресен – Почна бербата на јаболката во Преспа. Според прогнозите се предвидува годинешната реколта да достигне над 100.000 тони јаболка. Откупната цена за еден килограм годинава се очекува да се движи од 16 до 20 денари, во зависност од сортите и класите.
Преспанци 12. пат го организираа „Преспанскиот јаболкобер“ и тоа традиционално на православниот празник Крстовден. Манифестацијата почна со свеченото и симболично откинување на првото јаболко во насадите на АД „Агроплод“ Ресен, од страна на најмладите Преспанци, а продолжи со претставување на годинашниот асортиман јаболка од здруженијата на јаболкопроизводители од Преспа на плоштадот во Ресен. Манифестацијата и годинава е во организација на локалната самоуправа на Општина Ресен, поддржана од УНДП.
„Општина Ресен ја поддржува најзначајната стопанска и туристичка манифестација во Преспа. Нашата заложба е јасна, да обезбедиме услови за развој и производство на квалитетно јаболко подготвено за европските и регионалните пазари“, истакна градоначалникот на Ресен, Михаил Волкановски, ветувајќи дека наскоро ќе биде реализирано ветувањето за отворање дистрибутивен центар за преспанското јаболко.
„Во последниве три години како резултат на политиката на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за доделување на користење државно земјоделско земјиште, насадите со јаболко во преспанскиот регион се зголемени за 900 хектари“, велат од локалната самоуправа во Ресен. (А.Б.) |