13.01.2013, 18:02 Меридијани
Криза и трансформација
Абдула Ѓул
Стана клише да се опише нашата ера како време на повеќекратни брзи трансформации. Но, 2012 година беше особено динамична. Не помина ден без потреба од континуирано и усогласено внимание на економската криза, политички и воени конфликти, социјални пресврти, културни судири или еколошки проблеми во некој агол од светот.
Непосредното опкружување на Турција го окупираше највисокото место на глобалната политичка агенда во 2012, а тоа ќе продолжи и во 2013 година. На север од нас, Европа се наоѓа на крстопат, претрпувајќи процес на креативна деструкција, со потенцијално далекусежни последици, далеку зад границите на Европската унија. На југ, непроменливата потрага по достоинство, слобода, демократија и мир го прекројуваат политичкиот пејзаж во регионот. Излишно е да се каже, но економските мерки сами по себе не може да и' стават крај на тековната криза во ЕУ. Европа мора да се редефинира и повторно да ја идентификува својата мисија ако сака да го задржи своето геополитичко значење. ЕУ мора да одлучи дали е претставник на заедница на вредности или е тесен географски ентитет чиишто исклучителни импулси на крајот ќе го поткопаат нејзиното глобално значење.
Како интегрален дел од Европа, каде што членството во ЕУ е стратегиска цел, Турција не е рамнодушен набљудувач; напротив, настојуваме да учествуваме во тековната дебата со нудење сопствени гледишта и идеи. Веруваме, на пример, дека интеграцијата на ЕУ треба да биде поширока како и подлабока, со што ќе го одржи своето позитивно трансформативно влијание во соседните региони. Историски гледано, без оглед на она што се случува на едната страна од Медитеранот, тоа има директно влијание врз другите; со оглед на денешното високо ниво на глобална меѓузависност, има многу причини да веруваме дека ова ќе стане вистина.
Вистинските аспирации на арапските народи да си ги обезбедат универзалните права што ги поседуваат Европејците ја отфрла долгогодишната ориентална перспектива на Запад. Се разбира, премногу е рано да се предвиди исходот од арапското будење и земјите во транзиција и понатаму се соочуваат со застрашувачки предизвици. Но, ниту едно од многуте различни црни сценарија не се материјализираа, што навестува надеж за иднината. Освен тоа, во Тунис, Либија и Египет во 2012 година беа одржани слободни и фер избори – први во историјата на овие земји.
Но, демократија не се само избори. Задачата за креирање неопходни демократски институции - владеење на правото, навики на одговорност, родова еднаквост и слобода на изразување и верување – се' уште ги чека овие земји. Сепак, арапските народи, конечно, доживеа вистинско еманципирање, и го преминаа прагот на стравот.
Ситуацијата во Сирија и неодамнешната израелска агресија во Газа се отворени рани. Во Сирија, крвавата граѓанска војна опустошува некои од највеличествените антички градови во светот. Барањата на сирискиот народ се исти како и оние што ги чувме во Тунис, Либија и Египет: достоинствен, демократски живот. Наместо тоа, тие добија брутална кампања на насилство – вклучувајќи и напади од воени авиони, хеликоптери и тенкови – од режимот на претседателот Башар ал-Асад. Напорите на режимот да ја сврти својата борба за опстанок во етнички и секташки конфликт може да донесе пустош во регионот, почнувајќи од соседите, како што се Либан и Ирак.
Од самиот почеток на арапското будење, Турција зазеде принципиелен став, на страната на законските и демократски аспирации. Свесни за нашата посебна улога како историски партнер и извор на инспирација за оние што ги бараат своите права и слободи, ние се чувствувавме принудени да го сториме тоа.
За Турција, граѓанската војна во Сирија создаде дополнителен предизвик во форма на хуманитарна криза. Ние сега удомуваме околу 200.000 Сиријци кои избегаа од зголемувањето на насилствата во земјата и веќе потрошивме повеќе од 400 милиони долари за сместување на овие очајни луѓе – без речиси никаква помош од остатокот од светот. Но, никогаш нема да бидеме одвратени од намерата да им помагаме на нашите сириски соседи кога им е најтешко, со оглед на посебните врски што произлегуваат од векови на заедничка историја.
Најновата операција на Израел во Газа не донесе никаков бенефит, ниту тактички ниту стратегиски. Напротив, оваа агресија, очигледно изведена за домашна политичка потреба, ќе и' наштети на долгорочната безбедност на Израел. Прв пат Хамас се покажа кадарен да направи упади дури до Тел Авив, додека Израел беше принуден да го брани своето однесување и углед, дури и кај своите традиционални сојузници, вклучувајќи ги и САД. Но, најголемата лекција за Израел е таа што тој мора подобро да ја сфати новата стратегиска средина по арапското будење.
(Авторот е претседател на Република Турција. Пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“.) |