22 Писма - Македонија е вечна, дали и народот македонски?
Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Онлајн издание
Вести Магазин Спорт
Коментари
13.01.2013, 18:05

Писма - Македонија е вечна, дали и народот македонски?

Драгољуб Марковски, Кутина, Хрватска

Народот е трајна категорија, историјата е полна со гробишта на пропаднати народи! – Латинка Перовиќ

Оптоварени со национот милиони луѓе не се свесни за застрашувачките промени на нивните татковини, дури и кога се одвиваат пред нивни очи и со нивно учество. Овие промени подразбираат и закана за самиот опстанок на народите и нивните држави. Примери за ова има во изобилство во минатото, кога на иста територија, од разни причини, едни народи исчезнувале, а други се населувале.

Ако се задржиме на примерите од подрачјето на бившата ни држава, ќе видиме дека со војните во раните деведесетти години, етничкото зло злокобно навестено со филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше трагично надминато. Народите на овие простори сега живеат „во дождот“, кој им носи се' поголема беда и неизвесност. Од Јесенице до Гевгелија нивните татковини, со нивна поддршка на демократски избори, ги узурпираа новоформирани елити, кои токму на „дождот“ одлично просперираат, баш како и економските газди протежирани од нив, односно нивните „заштитници“ од таканаречената меѓународна заедница.

Па каква е иднината? Нема сомнеж дека станува збор за партиски држави, во кои власта се дели спрема мандатите добиени на избори. По тој клуч се дели и пленот – од министерските места во владите преку лукративните раководни и неброените други места кои се потпираат на буџет, какви што се местата во државната управа, па во јавните претпријатија и така натаму.

Плод на вакво консумирање на власта се катастрофалните состојби во економијата. Не е случајно дека сите екс ЈУ-држави се енормно задолжени, индустријата им е ничкосана (ниту една држава не го достигнала нивото на индустриското производство од 1989 година). Ноторно е што на клучните места и во економијата се поставуваат партиски војници, на кои им е тоа главната референција, а не компетентност. Зарем е тогаш чудно што, на пример, во Македонија - за да се вработат - стотина брилијантни студенти и оние што веќе дипломирале, јавно и без срам се фалат дека и' се приклучиле на владејачката партија ДПМНЕ. Иако ваков ашиќаре блам не сум забележал во други средини, практиките се речиси идентични.

Со вакво „кадровирање“ економиите се се' понеефикасни, се' повеќе тонат, државите постојано зајмуваат пари со се' повисоки камати „за гол живот“. Невработеноста драматично расте, сиромаштијата се шири, бесперспективноста е се' поочигледна, разочарувањето не може да се скрие - особено што милиони работно способни луѓе губат работа или, особено младите, не можат да се вработат.

Еден од аспектите на ова прашање е да, очигледно, на грбот на се' помалку вработени, живее огромен државен и општествен апарат со армија паразити. На партиите на власт најлесно им е токму во овие „бунари“ да ги вработат своите партиски војници.

И што му останува на мнозинството? Најнесреќните меѓу нив често посегаат преку силната корупција да дојдат до каква-таква работа. За другите – стотици илјади, нема друго, туку да бараат чаре надвор од земјата, па и со семејствата, за што им требаат и храброст и пари.

Земјите од регионов ретко објавуваат податоци за емигрирање на своите граѓани. Но, индикативно е и она што се објави. Така, врвниот хрватски коментатор Маринко Чулиќ посочува на навидум бизарен податок. Спротивно од обвиненијата на Католичката црква дека комунистите биле виновни за нискиот наталитет на етничките Хрвати, пописот на населението во 2011 година покажува дека спрема оној од 1991, значи во социјализмот, Хрватска има помалку дури 500 илјади жители.

За бегање од татковината зборуваат и други нешта. Хрватска телевизија неодамна јави дека во последните неколку години околу 30.000 души, претежно млади и високообразовани луѓе, барале среќа во Канада и во САД. Во последните дваесет години, пак, само од Барања се иселиле 15.000 души (вкупното население во 1991 било 54.000). Меѓу нив е и едно ситуирано семејство, кое не гледало перспектива - ниту за своите деца, а веруваат дека таму, во Канада, барем имаат шанса.

На ваквите бранови дојде и божикната, доблесна и исклучителна порака на претседателот Иво Јосиповиќ дека „без стопански развој, војската од невработени и гладни ќе биде се' поголема, како и очајот на луѓето кои не ја гледаат својата перспектива“.

Сосема слично се случува и во Словенија, во која се урнати домашни банки, надворешниот долг е неподнослив, „словенечкиот Детроит“ - Марибор е уништен. Од оваа мала земја, според ТВ Словенија, во последно време се иселиле 20.000 души, главно, млади и образовани.

Белградска „Политика“ извести дека годишно најмалку 30.000 лица ја напуштаат земјата поради работа во САД, Канада, Германија, Австрија... И овде станува збор за млади, високообразовани луѓе, речиси готови кадри.

Македонија? Шокантен е податокот на Светска банка дека до 2010 година од земјата се иселиле дури 447.000 души или 21,9 отсто од вкупното население! Етничките Македонци одамна станаа познати по печалбарењето. За етничките Албанци помалку се слушаше, но и нивниот број во емиграција загрижувачки. Безработицата и нив тешко ги засега, а работни места - расположиви според одличниот Рамковен договор - се пополнуваат со партиски војници, овој пат на ДУИ.

Со натамошно продлабочување на кризата и слабите изгледи нешто битно да се смени во водење на државите од бившата држава, тие безбели ќе ја задржат поделбата на привилегирани граѓани по разни основи и обеспр��вени граѓани. Првите ќе живеат богат живот, а другите - откако ќе изгубат надеж во подобра иднина – ќе бараат чаре и надвор од татковината, поблиску или подалеку.

За жал, стварноста е поразителна, а на повидок нема ништо ветувачко. Оттаму, со време, некои земји можеби и забрзано ќе се празнат од луѓе. Погледајте колку територии се испразнети во Македонија, Србија и Хрватска. Некогаш, во Југославија, била голема внатрешната миграција, а солидните социјални состојби во државата не даваа причина за масовно емигрирање, особено не за трајно иселување.

Македонија е меѓу најзагрозените, а во неа - иднината на етничките Македонци, особено ако се има предвид дека кај нив се бележи паѓање на наталитетот и пораст на морталитетот. Начинот на кој се управува со земјата, арчење огромни средства, со што државата незапирливо броди кон должничко ропство, не ветува дека таа ќе тргне по пат на оздравување.

Немам дилеми дека е ептен промашена безрезервната поддршка која националистички настроените емигранти, особено од прекуморските земји, постојано и' ја даваат на сегашната власт, која ја разорува државата. Тие често изразуваат загриженост за територијалниот интегритет на државата. Но, не се прашуваат кој ќе го брани интегритетот доколку по нивниот пат тргнат реки очајници.

Многу шупликаво ми звучи паролата „Македонија е вечна“. Со жал помислувам дека сегашните генерации би можеле да и' го видат крајот, па да остане само како географски поим. Искрено: не знам дали Македонија ќе биде вечна, но знам дека злосторството е вечно.


Статијата е прочитана  пати.


Испрати коментар

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИE

  
Што прават
 


Site Meter


Време
Скопје, 5°C

Делумно облачно

Сабота
Облачно
Макс: 6°C, Мин: -3°C

Недела
Обилни врнежи
Макс: 6°C, Мин: -3°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани
(ВИДЕО) Сто најдобри песни на сите времиња според „Ролингстоун“
96. Jerry Lee Lewis, „Great balls of fire”
Автори: Otis Blackwell, Jack Hammer; продуцент: Sam Phillips; објавена: ноември 1957 година, „Сан“
Интервју Игор Џамбазов - Решив да си фатам дечко на 50 години!
„Некои ќе го мразат, некои ќе го обожаваат, ама никој нема да биде рамнодушен“, вели за новиот ТВ-проект „Џиш“, што ќе стартува во недела на Прва програма на МТВ

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Коментари | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Хороскоп |