20.04.2013, 11:30 Ставрески и Богов задоволни од разговорите во ММФ и Светската банка
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов изразија задоволство од разговорите со претставниците на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка кои се одржуваат во Вашингтон, како и од најавите за натамошна буџетска поддршка за Македонија и финансирање на инфраструктурни проекти, јави дописникот на МИА.
Македонската делегација престојува во Вашингтон за редовните пролетни состаноци на ММФ и Светската банка на кои присуствуваат голем број министри за финансии и гувернери на централни банки од целиот свет.
- Македонија е оценета како една од поуспешните земји според начинот на кој што се справивме со економската криза. Евидентно е дека во проценките на ММФ и СБ светската криза е се уште присутна, има ризици за сите економии вклучително и за нашата, но овие институциии оценуваат дека Република Македонија има добар потенцијал за остварување на економскиот раст за оваа година, но и во идните неколку години кога ќе се создадат подобри услови во европската економија. Нивото на државниот долг на Македонија е оценето како умерено и е едно од најниските во Европа, што секако е охрабрувачки знак, изјави Ставрески, потенцирајќи дека овој показател е еден од најголемите проблеми за многу европски држави.
Вицепремиерот рече дека на средбите во ММФ и СБ е оценето дека е направен добар потег со елиминирањето на обврските на државата кон приватниот сектор со навремената исплата на обврските од данокот за додадена вредност.
Идниот раст на економијата, Ставрески го гледа во инвестициите во слободните економски зони, како и во домашните инвестиции.
Одговарајќи на новинарско прашање за прелевањето на економската криза во банкарскиот сектор по случувањата во Кипар, гувернерот Богов рече дека нема причина за загриженост.
- Во разговорите со претставниците на ММФ ги информиравме за стабилноста на банкарскиот систем во ситуација на сите нестабилности кои владеат во еврозоната и во банките во неа, посочи Богов.
Македонскиот банкарски систем, истакна Богов, нема да биде загрозен, има потенцијал, отпорен е и според сите наши анализи и стимулации, тој ќе ги издржи сите удари без поголем проблем.
Како натамошни чекори во соработката со Светската банка и со Меѓународниот монетарен фонд, Ставрески најави поддршка за енергетскиот проект Луково поле, како и инвестициски проект за развој на вештините на пазарот за трудот.
|