19.04.2013, 13:10 Иванов замина во Канада и Аризона
Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од денеска до 24 април престојува во работна посета на Канада, а од 25 до 28 април ќе ја посети американска држава Аризона. Иванов во Отава ќе има средби со спикерот на Претставничкиот дом на Парламентот на Канада Ендру Шир и со спикерот на Сенатот Ноел Кинсела.
На Универзитетот „Мекмастер“ во Торонто македонскиот претседател ќе одржи предавање на тема „Мултикултурализам, мултиетницизам и успехот на македонскиот модел“. Во општината Маркам во Торонто, претседателот Иванов ќе присуствува на свечена церемонија на подигање на македонското знаме и сечење лента за улицата која ќе го носи името „Битола“.
Во Аризона, пак, претседателот ќе учествува на Форумот Седона - 2013, во организација на Институтот за меѓународно лидерство „Мекејн“. Во рамки на работната посета на Аризона, претседателот Иванов ќе го посети и Државниот универзитет „Аризона“.
|