19.04.2013, 15:31 Уапсен Македонец за грабежи и киднапирање во Грција
Македонецот се товари дека учествувал во 21 грабеж на банки низ Грција, но и за соучество во киднапирање на познат грчки бродосопственик
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Грчката полиција во Атина уапси 34-годишен Македонец обвинет за кражби во грчки банки и учество во киднапирање грчки бизнисмен. Против уапсениот, по кого грчката полиција трагаше долго време, има судски одлуки за долгогодишен затвор и три налози за апсење поради тешки криминални дела. Македонецот се товари дека учествувал во 21 грабеж на банки низ Грција, но и за соучество во киднапирање на познат грчки бродосопственик. Како ��то соопшти портпаролот на атинската полиција, уапсениот бил изведен пред обвинител и ќе одговара и пред истражен судија на Кривичниот суд.
Грчката полиција веќе неколку месеци вршела истрага со цел да го уапси Македонецот, чие име се' уште не се соопштува. Против него има судска пресуда од Судот за кривични дела во Атина за парична казна и казна затвор од 15 години и 18 месеци. Казната се однесува на поседување рачно изработена експлозивна бомба и соучество во криминална организација, која учествувала во киднапирање на познат бродосопственик. Се работи за познатиот бизнисмен Периклис Панајотопулос, кој бил киднапиран во 2009 година. Панајотопулос бил во заложништво 13 дена. Киднаперите го ослободиле откако им бил исплатен откуп во висина од 30 милиони евра. Се шпекулира дека уапсениот Македонец одреден период соработувал со грчкиот криминалец Михалис Макријанис, кој е осуден на доживотна казна затвор за пет убиства, три обиди за убиство, оружени грабежи и ред други криминални дела.
Покрај оваа пресуда, против македонскиот државјанин имало и три потерници поради учество во организиран криминал, трговија со луѓе и изнуди, грабежи и организираност со криминални банди. Полициската истрага покажала дека уапсен од мај 2012 до март 2013 година учествувал или извршил вкупно 21 грабеж на банки низ Грција и тоа во регионите Атика, Виотија, Фтиотида, Евија, Арголида, Ахеја, Месинија, Аркадија и Коринт, од кои извлекол околу 250.000 евра. Во периодот од мај до октомври минатата година соработувал со грчки криминалци, еден од нив тогаш избеган од затвор, кој веројатно е Макријанис.
При апсењето, кај македонскиот државјанин биле најдени тејзер (пиштол за електрошокови), панцир, куршуми од различен калибар, три лажни пиштоли, три перики, лажни лични карти, возачка дозвола со негова фотографија и лажни лични податоци, одредена количина хероин, скоро 20 мобилни телефони, одредена сума пари и алиштата што ги користел во грабежите. |