19.04.2013, 15:40 Отворен патот за бизнис со Азербејџан
На денешниот бизнис-форум во Баку, компаниите од разни дејности покажале интерес за инвестирање во Македонија
Компании од Азербејџан од областа на градежништвото, земјоделството, туризмот, информатички технологии и други, се заинтересирани за проширување на својот бизнис во земји од Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Македонија. Ова беше потенцирано на вчерашниот бизнис-форум во Баку, каде што владиниот економски тим, предводен од премиерот Никола Груевски, ги претстави можностите за инвестирање пред триесетина претставници на големи азербејџански компании. Форумот го организира АЗПРОМО, азербејџанска економска агенција, а го отвори министерот за економски развој Шахаин М��стафајев. Тој потенцира дека многу конзорциуми имаат интерес за проширување на инвестициите во други земји.
Според премиерот Груевски, Македонија го привлече вниманието на светската инвеститорска заедница со реформите со кои се подобрува бизнис- климата. „И покрај кревкиот раст на европските економии и падот на странските инвестиции на глобално ниво, Македонија го извлече максимумот во напорите за привлекување инвеститори и во последниве години им посака добредојде на ’Џонсон контролс‘ и ’Кемет електроникс‘, ’Кромберт и Шуберт‘ и ’Дрекслемаер‘, ’Виндтек интернешенел‘, ’Протек‘ и многу други компании“, рече Груевски. Тој потсети пред бизнисмените дека земјава има единствена стапка од 10 отсто персонален данок на доход и данок на добивка, ослободување од оданочување на задржаната добивка, драстично намалување на административниот и друго. Своја презентација имаше и заменик- претседателот на Владата, Владимир Пешевски, кој зборуваше за постигнувањата на макроекономски план, економските движења и предизвиците, како и за реформите во даночниот систем. Тој се задржа на важноста од гасификацијата, како и за можноста за наше вклучување во глобалните проекти на азербејџанските нафтени компании. Според Груевски, Азербејџан планира изградба на два гасоводни система, НАБУКО и ТАБ, кои ќе минуваат блиску до македонско-грчката граница и можат да бидат интересна алтернатива за Македонија во иднина.
Свои презентации имаа и министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески и заменик-министерот за економија, Христијан Делев.
Груевски и премиерот на Азербејџан, Артур Раси-заде, денеска потпишаа два договора, за избегнување двојно оданочување и заштита на фискална евазија на даноците од доход и данокот на капитал, и вториот, за поттикнување и заемна заштита на инвестиции. Овие документи треба да ги олеснат економските релации и да ги активираат инвестициите.
Инаку, Азербејџан е една од најбрзо растечките економии во регионот со огромни стапки на раст, што пред почетокот на светската криза доаѓаа и до 20 проценти, многу е богата со гас и со нафта и многу од парите што ги заработува ги инвестира во други бизниси.
Премиерот Груевски денеска во Баку ја оствари првата официјална средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на која се нагласиле добрите пријателски односи меѓу двете земји на секое ниво.(М.Т.) |