19.04.2013, 11:48 Романо Проди за претседател на Италија
Лидерот на централно-левичарската Демократска партија Луиџи Берзани го предложи денеска поранешниот премиер Романо Проди за кандидат на претседателските избори и доби едногласна поддршка.
Поранешниот претседател на Европската комисија Проди, има поддршка од голем број левичари, а негов противкандидат е лидерот на десниот центар Силвио Берлускони.
Италијанските пратеници и во вториот круг од гласањето вчера не успеаја да изберат нов претседател на државата, додека поголемиот дел од нив гласале со празни ливчиња. Новото гласање е закажано за денеска.
Уште за време на вториот круг на гласањето беше јасно дека ниту еден кандидат нема да го добие потребното двотретинско мнозинство од вкупно 1.007 пратеници и регионални претставници.
Доколку и во третиот круг од гласањето ниту еден кандидат не добие двотретинско мнозинство, гласањето ќе продолжи во четврт круг, кога за избор на нов претседател ќе биде доволно просто мнозинство.
Во првиот круг од гласањето кандидатот на левиот центар Франко Марини не го доби потребниот број гласови поради меѓупартиските поделби, иако претходно се шпекулираше дека освен Демократската партија, ќе биде поддржан и од десниот центар на Силвио Берлускони и централистичката коалиција на премиерот Марио Монти. |