18.11.2011, 18:28 Сомнеж: „Ме местат ќерко, нешто се случува“
Ова се последните зборови што и' ги кажала Сузана Божинова (56) на нејзината ќерка. Пет дена потоа таа беше пронајдена мртва, задушена со кеса
Даниела Трпчевска Гојко Ефтоски
„Ме местат ќерко. Нешто се случува“. Ова се последните зборови што ги кажала 56-��одишната кичевчанка Сузана Божинова на својата ќерка Милана, пред пет-шест дена кога ја посетила во притворската ќелија на тетовскиот затвор. При последната средба, таа била исплашена и испаничена. Постојано повторувала дека нешто лошо ќе и' се случи, но не сакала да зборува за нејзините стравови. Тогаш никој од нејзините најблиски не ни помислувал дека по само неколку дена „силната жена, која била столб на семејството“ ќе биде пронајдена мртва во ќелијата. Надлежните велат дека се задушила врзувајќи најлонска кеса околу вратот. Тетовското обвинителство отвара истрага за случајот, иако обдукцијата не пронајде траги на насилство на телото на кичевчанката. Но, за нејзината ќерка Милана не постојат никакви дилеми дека станува збор за убиство.
„Убиена е, мојата мајка никогаш не би си го одземала животот сама. Таа беше многу храбра, беше столб на нашето семејство. Но, сега ја изгубивме, повеќе ја нема. Како и многу други работи така и ова ќе остане нерасветлен случај“, вели со грутка во грлото Милена Божинова, која е правник по професија.
На претходните средби со нејзината мајка, Милана се присетува дека таа била ведра, се надевала дека се' добро ќе се заврши и дека наскоро ќе излезе од притвор, оти не постоеле никакви докази против неа. „Но, последниот пат кога се видовме беше многу исплашена. Ја молев да ми каже што се случува за да преземеме нешто, но постојано повторуваше: „Не, не, не можам да кажам, но нешто се случува, ме местат“.
Сузана Божинова во тетовскиот затвор била повеќе од 30 дена, откако гостиварската полиција поднела кривична пријава против неа и уште едно лице за наводни измами со градежно земјиште. Станувало збор за заем од околу 120 илјади евра.
Откако обвинението било подготвено, наскоро се очекувало случајот да добие и судска разврска. Тој момент, според нејзиниот адвокат Звонко Давидовиќ, бил само уште еден доказ повеќе, дека неговата клиентка немала причина зошто да посегне по нејзиниот живот. „Околу 16 часот ми јавија дека мојата клиентка си го одзела животот со кеса. Бев запрепастен. Таа не покажуваше никакви знаци на растројство, мојот партнер имаше средба со неа во вторникот. Постапката веќе беше при крај, наскоро требаше да има и судење“, вели адвокатот Давидовиќ.
Бизарната смрт - задушување со најлонска кеса, но и околностите под кои се случила, отвораат многу дилеми околу целиот случај. „Со оглед на тоа дека Сузана имаше цимерка во ќелијата, веднаш прашав како е можно тоа да се случи. Ми беше кажано дека цимерката имала посета во тоа време. Сето тоа се завршило за само 10 минути“, раскажува адвокатот.
Тој реагира зошто никој не презел ништо во затворот доколку имало индиции дека неговата клиентка не се чувствува добро, но и зошто надлежните не се грижеле доволно за притворениците, со цел да се избегне ваквата трагедија. Тој е дециден дека за случајот ќе бара писмено објаснување од сите надлежни инстуции, списи од увидот и резултати од обдукцијата, со цел да се разјасни што, всушност, се случувало во тетовскиот затвор.
„Клинетката при средбите знаеше да се расплаче, бидејќи се грижеше за ќерките и за семејството, но тоа е нормална реакција. Сузана беше многу, многу јака жена, што веста за нејзината смрт едноставно не' вчудовиди“, вели Давидовиќ.
По извршениот увид во тетовскиот затвор, телото на Сузана било однесено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје. „Нема траги на насилство, но ќе правиме дополнителни токсиколошки анализи. Резултатите ќе бидат готови идната недела“, вели проф. д-р Билјана Јаневска.
Судските вештаци велат дека иако е бизерно, ваквиот начин на одземање на животот и досега бил практикуван. Неколку пати досега, велат извори од Институтот за судска медицина, изминативе години се случувало да бидат донесени на обдукција жени што си го одземале животот, врзувајќи кеса околу главата, со што се спречува дотокот на кислород. Обичната најлонса ќеса, со која кичевчанката се тврди дека си го одземала животот, се наоѓа на Институтот и дел од доказниот материјал што ќе се испитува.
Предистражни дејства се најавуваат и од страна на обвинителството во Тетово, кое бара да се прегледа видеоснимката од затворот, со цел да се утврди кога цимерката ја напуштила ќелијата и кога се вратила.
Исто така, се бара да се обезбеди исказ на цимерката, за која, неофицијално, дознаваме дека по потекло е од Косово, а е мажена во Гостиварско, а во притвор била поради фалсификување швајцарски франци.
Обвинителството, кое поднесе кривична прија��а против непознат сторител, бара да се обезбеди и исказ на надзорникот на затворот, кој се вратил и ја отворил вратата од ќелијата на затворот заради влегување на цимерката на Сузана. Тој е човекот што прв забележал дека Сузана лежела во кревет и имала најлонска кеса на главата од која се задушила. Откако ја извадил кесата, веднаш побарал интервенција на затворскиот лекар, а потоа била побарана и Итна медицинска помош, чијашто екипа констатирала смрт, информира истражниот судија Бетим Јахја.
Директорот на затворот во Тетово, Мурат Рамадани, вчера беше на службен пат, а надвор од земјава е и директорката на Управата за извршување санкции.
Ова е второ бизарно самоубиство во тетовскиот затвор. За јавноста се' уште останува мистерија смртта на кичевскиот новинар Владо Танески, кој во 2008 година беше пронајден удавен во кофа со вода, токму во притворското одделение на истиот затвор. Во меѓувреме, имаше уште едно самоубиство со бесење со врвци од обувки, повторно во истиот затвор. |