19.11.2011, 13:36 ОН: Климатските аномалии во светот ќе стануваат се почести
Климатските аномалии на глобално ниво ќе стануваат се почести во блиска иднина. Ќе има суша и поплави со деструктивни последици за многу земји. Ова се извадоци од извештај презентиран од Меѓувладина експертска група на ОН за климатските промени.
Според документот, кој две години го подготвуваа преку 100 меѓународни експерти, во пракса е сигурно дека во овој век во целиот свет ќе расте бројот на деновите кога во различни региони ќе се регистрираат максимални температури.
Температурните рекорди „со знак минус“ сепак ќе се намалат. Сушите ќе зачестат, ќе траат подолго и во тие периоди ќе има големи горештини. Многу е веројатно во голем број региони да се зголеми и максималната брзина на ветерот при тропски циклони, иако просечниот број на самите циклони на годишно ниво може да се намали или да остане на досегашното ниво.
Анализите покажуваат дека во истражуваниот 25-годишен период се бележи траен пораст на вкупните штети нанесени од елементарни непогоди на различни земји. Каприците на времето и климатските катаклизми предизвикуваат најголеми загуби во земјите во развој.
Извештајот беше објавен во пресрет на конференцијата на учесниците во Рамковната конвенција на ОН за климатските промени, што ќе се одржи од 28 ноември до 9 декември во Дурбан, Јужна Африка. Тие ќе разговараат за спроведувањето на договорите склучени по одлуките од претходниот форум во мексиканското одморалиште Канкун, а исто така и за иднината на протоколот од Кјото. Првата фаза од обврските од овој Протокол истекува во 2012 година.
|