18.11.2011, 12:45 Германија има таен план за излез од кризата
Германското Министерство за надворешни работи изработило таен план со кој се предвидува создавање на посебено европско тело со огромна власт, кое ќе има надлежност да презема контрола врз економиите на државите што се соочуваат со економски проблеми, објавува лондонскиот весник „Дејли Телеграф“.
Весникот, кој тврди дека има копија од овој план од шест страници, наведува дека во документот се повикува европскиот механизам за стабилизација, односно Европскиот фонд за финансиска стабилност да се трансформира во посебно тело кое би претставувало еден вид на европска верзија на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Според планот, ваквиот „Европски монетарен фонд“ ќе има надлежност да презема целосна контрола врз државите кои се соочуваат со економски и финансиски проблеми. Во документот се предлага „Европскиот монетарен фонд“ да добие надлежност да ги контролира приходите и расходите на буџетите на земјите кои добиваат помош од ЕУ и ММФ. Планот кој е насловен „Иднината на ЕУ“: Неопходни подобрувања на интеграциската политика со цел создавање на една стабилна „Унија“, предвидува и воведување на санкции по автоматизам за оние членки на еврозоната кои ќе ги надминат лимитите на трошење воведени од Европската комисија.
Како што наведува „Дејли Телеграф“ во документот се тврди и дека Германија, Финска, Австрија и Холандија би можеле да побараат од Европскиот суд да воведе санкции кон одредени земји со цел да се заштити Европа. Овие санкции би варирале од парични казни па се до загуба на буџетскиот суверенитет.
|