20.11.2011, 17:39 Облакодери ќе го сардисаат „Јужен булевар“
Потенцијалниот инвеститор ќе има обврска прво да ја изгради подземната сообраќајница
а потоа да гради над неа на отстапените парцели
Комерцијално-деловни објекти, во должина од еден километар, високи дури до 20 ката, ќе се вивнат над „Јужен булевар“ зад Старата железничка станица, на делот што беше предвиден да биде подземна соо��раќајница. Ќе се бара инвеститор што ќе биде обврзан прво да го изгради подземниот булевар, а за возврат ќе ги добие парцелите за градба што се над него.
Оваа замисла на општинарите од Центар и дефинитивно доби зелено светло од мнозинството на Советот. Советниците, всушност, по вторпат дадоа виза за планот откако по првата верзија тој беше укинат од Уставниот суд поради скратената постапка на усвојување, иако законските норми кога тој се донесе не го дозволуваа тоа. Сега, Советот дури ја одобри зголемената катност на објектите над булеварот, кои во првичната верзија беа планирани со 16 метри висина и дозволени два ката.
Тоа е, всушност, единствената разлика од првата варијанта на ДУП-от. Со последната усвоена промена, се потврдуваат трите ротонди во реонот на Стара железницка станица. Два помали кружни тека треба да го „негираат“ надвозникот кон Црниче, со едниот ќе се врзат улиците „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ и „Кочо Рацин“, а со другиот „Железничка“ и „Бихаќска“. На другата страна на комплексот, пак, сообраќајното решение на планот предвидува да се изгради голема ротонда, која ќе го регулира сообраќајот на раскрсницата на улиците „Јасмин“ и „Железничка“ со „Свети Климент Охридски“, „Водњанска“ и „Васил Ѓоргов“.
И со оваа верзија на планот се предвидува изградба на трговски центар на паркингот помеѓу Музејот на Град Скопје и ТЦ „Рамстор“, чијшто инвеститор ќе има обврска да ја преслика фасадата и висината на Железничката станица, во согласност со конзерваторската основа за дел од реонот. Планот дава можност и за обнова и развој на разрушениот дел на Старата железничка станица, кој практично е испланиран да биде влез во новиот деловно-административен комплекс. (Дс.Т.) |