27.11.2011, 11:41 Полицијата ги приведе ограбувачите на бутици во центарот на Скопје
Полицијата ги пронајде и приведе разбојниците кои ноќта меѓу вторникот и средата ограбија бутици во центарот на Скопје. Биле уапсени вчера додека на плоштадот „Македонија“ вршеле џебни кражби.
Приведени се 18-годишниот Е.А. и 19-годишниот Е.Т. кои краделе со двајца малолетници на 14 години. Сите четворица се од Скопје и и се познати на полицијата за ваков вид кривични дела, информира Министерството за внатрешни работи.
По разговоерот со нив и врз основа на снимки од видеонадзорот на приватни фирми, полицијата од станицата Центар расветлила 12 кривични дела што тие ги извршиле.
- Ноќта меѓу 22-ри и 23 ноември на улиците „Македонија“, „Даме Груев“, „11 Октомври“ и „Мито Хаџивасилев -Јасмин“ извршиле пет тешки кражби во продавници и три тешки кражби во обид. Останатите дела, освен џебната кражба кога се и фатени, ги извршиле претходните денови, соопшти МВР.
Ограбувале откако ги обивале бравите на влезните врати користејќи алат и погодни предмети, а заштитните метални решетки на вратите и излозите ги виткале со физичка сила. Ги претурале продавниците и одземале главно пари од фиоките и од работните пултови.
Против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави по целосно расчистувањ�� и документирање на делата. хс/ 14:52
|