18.11.2011, 11:33 Најмалку шест лица загинаа во невремето во САД
Силно невреме, проследено со торнада, однесе најмалку шест животи на југоистокот на САД, додека голем број лица се повредени.
Невремето, кое почна во вторникот во американската сојузна држава Тексас, ја зафати долината Мисисипи, и ја зафати Луизијана, Алабама, Џорџија, Северна и Јужна Каролина и Флорида, нанесувајќи значителна штета на локалната инфраструктура.
Во Јужна Каролина загинаа три лица, а пет лица се повредени кога торнадо премина во подрачјето во близина на Рок Хил.
Во Северна Каролина, животот го загуби една 50-годишна жена и едно тригодишно момче, најмалку 11 лица се хоспитализирани поради повреди, а бурата уништи 36 куќи. На северот на Џорџија, едно лице го загуби животот кога бурата собори стебло врз возило во кое се наоѓало.
Невремето најмногу ги загрижи граѓаните на Алабама, каде во април во торнадо загинаа 248 лица.
|