17.04.2012, 17:35 Институтот за старословенска култура во клиничка смрт
Прилепската научна установа се соочува со проблеми и се бори за свој опстанок
Моника Талеска
Прилеп - Институтот за старословенска култура од Прилеп, единствен во државата, се бори за својот опстанок. Иако научниот кадар во последниве две години аплицирал за годишни програми и финансирање на основната дејност во ресорното Министерство, сепак, не добиле ниту одговор на барањата, ниту, пак, им се финансирани активностите и истражувањата. Според надлежните, делумно биле финансирани проектите во 2010 година, додека минатата година не пристигнал ни денар на сметката. Единаесетте вработени секое учество на конференциите во странство го финансираат од својот џеб, а на ист начин ги плаќаат и трошоците за издавање трудови и за реализација на теренските истражувања кои се неопходни за нивната дејност.
„Според Законот за научно-истражувачка дејност од 2009 година треба да имаме одреден број поени врз основа на наставно-научна, стручно-апликативна и организационо развојна дејност, а за да ги собереме тие проекти ние мора да работиме. Но, нас Министерството не не' финансира. Така што жртви се нашите деца. Јас не знам дали нашите функционери од министерствата одат на службени патувања, и во земјата и во странство со средства од сопствениот џеб, одделувајќи од устите на нивните деца“, вели Ели Луческа, директор на Институтот.
Луческа додава дека Институтот се соочува со уште еден мошне значаен проблем, чие решение е услов за натамошно функционирање на оваа институција. Едноставно нема доволно кадар. Од потребните минимум 30-ина научни работници во моментот има само 11 доктори на науки, а за неколку години ќе останат тројца, бидејки останатите ќе се пензионираат. Недостига и технички кадар. Иако оваа научна установа располага со единствена специјализирана библиотека во Македонија со средновековна
книжевност и литература, богата збирка на старопечатени книги и ракописи од 15, па се' до 20 век, нема библиотекар.
„Институтот, ако колабираше во 2007 и 2008 година, сега е во клиничка смрт во однос на кадровската состојба. Имено, од 2002 година наваму имаме 10 испразнети места, бидејќи по различен основ останавме без одреден број научен кадар“, додава Луческа.
Според нејзината оцена, во државата се носат европски закони кои не кореспондираат на фактичката состојба. Па, за да се реши проблемот, Институтот бара од Министерството измени на законот за научно- истражувачка работа од 2007 година, за да се овозможи вработување на младите научници. „Надлежните од повисоките инстанци треба да преземат мерки да ги ажурираат решенијата за оваа научна установа“, вели Луческа. |