17.04.2012, 17:36 Селата Лера и Рамна молат за нов мост на Шемница
Мостот е затворен пред речиси една година, па жители��е се принудени да одат по 20-ина километри дневно за да ги обработуваат нивите
Битола - Опасна дупка зјае на мостот на реката Шемница која ги поврзува селата Рамна и Лера со потпелистерието. Уште во јули минатата година брзите води на Шемница го однеле потпорниот ѕид, па мостот почнал да попушта, а асфалтот пропаднал. Бидејќи станал небезбеден за минување немало друго чаре освен мостот да се затвори за сообраќај. Сега, по речиси една година, 200 жители од овој дел на општина Битола по заобиколни патишта стасуваат до своите ниви, фарми и градини. Се жалат дека веќе не можат да ги издржат зголемените трошоци. Жителите на селата Рамна и Лера деновиве со мирен протест испратија порака до општинските власти дека бараат итна санација на мостот на Шемница.
„Голема е опасноста, не може човек да помине преку мостот ниту пеш, а уште помалку со стоката и со трактор. Мостот е срушен, а градоначалникот ништо не го интересира“, реагираше Владо Лазаревски, жител на село Рамна.
„Децата ги носиме во училиштата во Доленци и Цапари и овој пат го користевме додека чинеше мостот. Сега, тоа не е можно“, рече Лидија Бесимовска, жителка на Рамна.
Во потпелистерските села Лера и Рамна мештаните живеат исклучиво од сточарство. Таму се лоцирани едни од најголемите фарми со крави во Битолско кои настрадаа со пропаѓањето на шведската млекарница „Сведмилк“. Фармерите едвај успееја да не ги затворат фармите откако млекарницата не им го исплати предаденото млеко. Државата последната година им даде над 150 хектари државно земјиште да го работат, но сега се принудени со километри да кружат по околните патишта за да дојдат до своите ниви. Мостот им е повеќе од неопходен за да можат да го обработуваат земјиштето.
„Откако падна овој мост никој не се освести да го направи. Нивите сега се обраснати со трева само поради мостот. Ние имаме земено државно земјиште горе, а и самите мештани имаат свои ниви. Принудени сме да вртиме по патиштата откај селата Доленци и Кажани, па да дојдеме до парцелите и потоа се враќаме назад. Правиме 15 до 20 километри. Не дај боже да настане дефект на тракторот, па ни нема крај на маките“ вели револтирано Драги Нечовски, фармер од село Лера, поранешен кооперант на „Сведмилк“.
„Една крава падна во реката и среќа што немаше вода, па ништо не скрши. Остана ајванот жив“, рече Танас Кузмановски, сточар од селото Рамна.
Жителите на Лера и Рамна досега многу пати за помош се обратиле во Општина Битола, но, како што велат, добиле само ветување за скоро санирање на мостот. Селаните се скептични дека проблемот ќе биде решен набрзо.
„Порано велеа дека ќе се прави мостот, а сега велат дека имале имотно- правни проблеми. Знаеме само дека се вадат со тоа“, критикуваат мештаните од Лера.
Од Општина Битола тврдат дека постои проект за санација на мостот, но процедурата заглавила во сложените одредби од Законот за градба. По решавањето на имотно–правните односи кои се појавиле по изработката на студијата за експропријација, најавуваат санирање на мостот најрано за мај годинава. (А.Б.) |