17.01.2012, 18:28 Регулаторите кокетираат со „Топлификација“

Додека граѓаните се чудат како да ги платат високите сметки, регулаторите не можат да и' наложат на компанијата да вгради мерачи
Маја Томиќ
Регулаторна комисија за енергетика е немоќна да стори што било во корист на граѓаните кои со порамнувањето на декемвриските сметки за парно, добија двојно, тројно, па и повеќе повисоки сметки. Таква била Методологијата според која работат регулаторите, а која е донесена во интерес на заштита на позициите и на капиталот на компаниите, конкретно на „Топлификација“, а не и на потрошувачите. Тоа отворено го кажуваат од Регулаторна, а на прашањето, која е причината што не може да се смени Методологија во корист на потрошувачите, од ова независно тело немаат одговор.
Граѓаните еден ден ќе бидат заштитени од редовните поскапувања на парното, но за тоа требала да одлучи самата „Топлификација“. Односно, ако сака и реши да изработи план според кој ќе каже колку време и колку пари ќе и' требаат за да вгради мерачи во секој стан, со што корисниците ќе плаќаат онолку колку што трошат. Регулаторна тоа и' го кажала на „Топлификација“, но што ќе биде во иднина, ќе видиме.
И така, се' додека не е задолжително во сите станови да има мерачи за топлинска енергија, ќе си остане се' по старо. Оние станари во згради каде што има повеќе исклучени станови ќе ги покриваат сите фиксни трошоци на „Топлификација“ што ги има за испорачаната енергија до објектот, поделена на сите станови, односно ќе плаќаат високи сметки.
Што е најлошо, оваа ситуација нема брзо да се промени. Ќе треба најмалку една година за претходно да се воведат измени во Законот за градба и во Законот за домување, како и да се донесат други правилници. Ама, со нив ќе бидат заштитени само жителите во новите згради. Поконкретно, во одобрението за градба на инвеститорите ќе им се дало обврска да вградуваат и мерачи за парно во секој стан.
„Многу забелешки стигнуваат кај нас од потрошувачи по состојбата со порамнувањето на декемвриските сметки за парно. Секаде каде што ќе има основ, ќе се преиспитаат пресметките. Проблематично е кога се живее во стар, колективен објект. За секој оној кој ќе се исклучи од парно, сите плаќаат. Кој сака може сам да инвестира во мерач по околу 250 евра. Ние не можеме тоа да и' го наложиме на „Топлификација“. А, ако таа самата вгради мерачи, тоа ќе го прикаже како инвестиција која ние потоа, согласно Методологијата која треба да и' овозможи поврат на трошоците, ќе мора да и' ја признаеме, што ќе значи и повисока цена на парното за крајните корисници“, изјави на вчерашната прес-конференција, претседателот на РКЕ, Димитар Петров. Тој рече дека досега се исклучиле од парно греење 30 отсто од корисниците.
Според опозициската СДСМ, „Топлификација“, „Макпетрол“, Регулаторна комисија за енергетика и Владата се во една спрега и не прават ништо во интерес на заштита на граѓаните. Јани Макрадули оценува дека тоа многу очигледно се виде во случајот со прекинувањето на испораката на гас од „Промгас“ до компаниите, за што никој не сносеше санкции.
„РКЕ или таканареченото назависно тело, е тоа само на хартија. ’Макпетрол‘, ’Топлификација‘, РКЕ и Владата меѓу себе интерно се договараат и си носат решенија, со однапред направени проекции за цените на енергенсите. Ако се види колку имиња од владејачката ВМРО-ДПМНЕ има на листата на акционери во двете компании, се' станува јасно“, вели Макрадули.
А, запрашан зошто РКЕ го прекрши член 48 од Законот за енергетика и не му ја одзеде лиценцата на снабдувачот „Промгас“, Петров вчера одговори дека тоа било направено во интерес на потрошувачите.
„Наша е одлуката дали ќе ја одземеме лиценцата или ќе предложиме прекршочна казна од 5 до 7.000 евра за снабдувачот. Претходно следува судска постапка, но засега нема барање од компаниите за поведување прекршочна постапка“, рече Петров. Додаде дека на повидок е разрешување на проблеми со снабдувањето на тарифните потрошувачи со природен гас, дека се предвидени измени на Методологијата со кои месечно ќе се утврдува цената на гасот, што досега се правело квартално. Притоа, останува досегашната маржа од 1 отсто или од 0,4 денари за кубен метар гас. |