Архива Контакт Редакција Маркетинг Претплата
Барај
период од-до
-
Печатено издание
Втора страница На прво место Политика Македонија Економија Хроника Едиторијал Анализа Мислења Писма Свет Култура Спорт Скопје Забава Некролог Хороскоп Што прават денеска Фељтон
Фељтон
11.12.2008, 15:33

Фељтон

Македонците крем на бугарското општество (4)

Георги Димитров комунист со светски маштап

Виктор Цветаноски

Георги Димитров е најголемото име со македонски корени во Бугарија. За него знае целиот свет, него го има речиси во секоја светска енциклопедија. Тој бил врвен раководител на Коминтерната, а за него светот слушна за време на монтираниот судски процес во Германија кога со уште двајца комунисти беше обвинет од нацистите дека го запалил Рајхстагот. На судскиот процес го восхити светот со блескавата одбрана и разобличувањето на фашизмот.

Димитров е роден во 1882 година во Ковачевци, Бугарија. Неговиот татко Димитар Тренчев и мајка Параскева Досева во ова перничко село се доселиле од Банско. Растел во многудетно семејство, имал седуммина браќа и сестри. Бугаринот Камен Станев, кој го истражува учеството на Македонците во политичкиот и во општествениот живот на Бугарија, пишува дека тој потекнува од семејство на македонски бегалци.

Биографијата на Димитров е толку многу богата што тешко може да се опфати сиот негов живот во еден кус текст. Бил апсен и затворан многупати. Уште млад се вклучил во комунистичкото движење. Бил најмладиот пратеник во парламентот на царска Бугарија. Во него бил избран на 31-годишна возраст и комунистите ги претставувал цели 10 години.



За време на Првата светска војна како пратеник често ги посетувал војниците на Македонскиот фронт и притоа говорел против војната поради што бил уапсен и осуден. Во 1923 година е еден од водачите на Септемвриското востание во Бугарија и по поразот пребегал во Југославија, а оттаму во Австрија. Тогаш, всушност, започнува неговата долга интернационална комунистичка кариера во Коминтерната. Во почетокот вршел „конспиративна дејност“ во Швајцарија и во Германија, кога бил на чело на нејзиното Западноевропско биро. Бугарски извори тврдат дека од 1927 година соработувал со советските тајни служби како офицер за врски со ВМРО (Обединета).

Во 1933 година е обвинет од национал-социјалистичката влада на Германија дека го запалил Рајхстагот со неколкумина други комунисти. На судскиот процес во Лајпциг се бранел сам. Со блескавата одбрана и разобличувањето на фашизмот ќе стане познат во целиот свет, каде што ќе бидат организирани повеќе протести против монтираниот судски процес. Тогаш мајка му Параскева ќе замине во Франција и учествувала на разните митинзи и собири на комунистите организирани против монтираниот процес и барала ослободување на синот.

Јосип Броз Тито и Георги Димитров разговараа за формирање балканска федерација

Од судот во Лајпциг Димитров бил ослободен зашто обвинителството не можел да понуди докази. Вечерта кога Рајхстагот бил запален, Димитров патувал од Минхен за Берлин. Меѓутоа, судот сепак ќе го осуди на 9 месеци затвор за илегален престој и за поседување фалсификуван швајцарски пасош. По завршувањето на судскиот процес, тој ќе стане симбол на работничкото комунистичкото движење.

По одлежување на казната во германскиот затвор, бугарската влада нема да му дозволи да се врати назад, па ќе мора да замине во Советскиот Сојуз, каде што бил пречекан како херој. Во Москва ќе прими советско државјанство и таму ќе остане до крајот на Втората светска војна. Во Коминтерната ќе врши повеќе високи раководни места и ќе биде избран за пратеник во советскиот парламент.

Во Софија се враќа во 1946 година кога и застанува на чело на бугарската Комунистичка партија, а државата ќе ја раководи се' до неговата смрт. Починал во Москва во 1949 година. Постојат сомневања дека бил отруен додека се лекувал во еден санаториум. Бугарските весници своевремено публикуваа искажување на анонимен полковник кој работел во Државна безбедност и бил близок соработник со врвни раководители на БРП (к), кој тврдеше дека по смртта на Димитров му било наредено да утврди од што починал, зашто постоеле сомневање дека е отруен од тајните служби на Советскиот Сојуз по налог на Сталин. Имено, во една од фиоките на бирото што го користел во болницата му било монтирано двојно дно со жива. Вдишувајќи ја живината пареа, Димитров се отрул. По ваквите изјави, Министерството за внатрешни работи на Бугарија нареди да се изврши експертиза на неговата коса и, како што беше соопштено од Институтот за криминологија, по извршеното испитување во неа била откриена извесна доза на жива.

Демантирајќи ги таквите тврдења, бугарскиот историчар Добри Желев тогаш изјави дека немало потреба познатиот комунист да биде отруен зашто бил на умирање од многуте болести што го имал. На Димитров здравствената состојба рапидно му се влошила во почетокот на 1949 година. Бил прегледан и од бугарски и од руски лекари. Тоа што тие го утврдиле било трагично, бил болен од срце, цироза, шеќер и хронична простата. На 7 март итно со авион бил префрлен во Москва, а Сталин наредил да го лекуваат најдобрите лекари.



Во врска со патувањето на Димитров за Москва интересна е една негова изјава дадена на софискиот аеродром кога со носило го качувале во авионот. Тој горчливо се пошегувал со сопствената судбина, велејќи: „Изнесете ме со главата напред, а ќе ме внесете со нозете напред“. Во Москва бил сместен во болницата во Кремљ, а руските лекари вложиле големи напори за да го спасат, но се' било залудно. Во болницата него често го посетувал Сталин.

Бугарските комунисти на Георги Димитров во строгиот центар на Софија му изградија мавзолеј во кој беше изложено неговото тело, но во првите години по падот на Тодор Живков беше погребан на централните софиски горбишта. Во 1999 година беше избришано последното обележје што потсетуваше на големиот комунист со македонско потекло. Владата на Иван Костов, по многу полемики, го урна мавзолејот.



Името на Георги Димитров непосредно е поврзано со Македонците во Бугарија и културната автономија во Пиринска Македонија. Според бугарски историчари, тој водел политика на „спроведување етапна македонизација на населението во Благоевградскиот округ“ и тесно зближување со Југославија. Тие го обвинуваат дека бил против националните интереси на Бугарија и го нарекуваат предавник на бугарската национална доктрина. Сметаат дека ја застапувал идејата за Балканска федерација со доминантна улога на српскиот фактор, која би била раководена од Тито.

По падот на режимот на Тодор Живков, бугарската национална телевизија емитуваше посебна емисија во која отворено го нападна Димитров за создавањето на културната автономија во Пиринска Македонија кога Македонците можеа да се декларираат она што се. На бугарската јавност и' беа сервирани многу невистини, дека луѓето од овој крај на сила биле терани да се пишуваат Македонци, а бугарските комунисти на чело со Димитров беа прогласени за најголеми предавници на бугарската кауза затоа што признале македонска нација и македонски јазик.

Се тврдеше дека биле пронајдени документи потипишани лично од Георги Димитров кој сакал Пиринска Македонија да и' ја даде на Титова Југославија. Подготовките за тоа биле вршени тајно, а наводно неговото единствено оправдување било дека не можел да не ги изврши наредбите на Сталин.



Академик Иван Катарџиев смета дека не е вистина она што го тврдат бугарските историчари и дека нема основа да се глорифицира улогата на Димитров во процесите што се случуваа во Пиринска Македонија во повоените години. Тој вели дека неговиот придонес за македонската кауза не е така голем како што се смета во македонската јавност. Напротив, тој тврди дека Комунистичката интернационала и бугарските комунисти воделе опортунистичка политика спрема Македонците и нивните одлуки биле кобни за развојниот процес на прогресивните сили на левата опција на македонското ослободително движење во Бугарија.

Ваквите тврдења ги поткрепува со неколку конкретни потези што биле повлечени од Коментираната и БРП (к) кога Димитров бил клучна фигура при донесувањето на одлуките. Коминтерната во 1924 година го суспендирала Обласниот комитет на КПЈ за Македонија, а во 1935 година со нејзино решение била распуштена ВМРО (Обединета), чија политика една година пред тоа била поддржана. Треба да се знае дека решението за распуштање на македонските организации во Бугарија и укинување на ��ивните весници било донесено и потпишано лично од Георги Димитров. „Врв на овој програмски опортунизам претставува Резолуцијата на Информбирото од јуни 1948 година која ја промени судбината на Македонците во Бугарија“, подвлекува академик Катарџиев.

(продолжува)


Статијата е прочитана 2402 пати.

Испрати коментар






United Macedonia, 12.12.2008 13:50:06
Vrakjanjeto na Pirinskiot region vo sostavot na togasna SR Makedonija(a so toa i na SFRJ) bese gotova rabota,tokmu zatoa se sostanuvaa Tito-Dimitrov nekolku pati,no...Tempo,Rankovic i drugite srpski komunisti od toa vreme se protivat na ovaa opcija zatoa sto Bugarija za vozvrat trebala da dobie regionot na Bosilegrad i pogolem del od Pirotskiot region,sto neli se vo Srbija ,a ne vo Makedonija...znaci,sepak,Tito imase ubava zamisla da se ispere pred Makedoncite zatoa sto ne gi poslusa za Solun
11.12.2008, 19:47

Претходен број

„УТРИНСКИ ВЕСНИК“
ЕЛЕКТРОНСКО ИЗДАНИЕ

  


Site Meter


Време
Скопје, 6°C

Облачно

Недела
Грмотевици со дожд
Макс: 9°C, Мин: -2°C

Понеделник
Сончево
Макс: 17°C, Мин: 2°C
овозможено од Yahoo! Weather
НајчитаниНајкоментирани

Дневник  | Вест | Теа Модерна | Огласник24

Онлајн издание | Вести | Магазин | Спорт |
Печатено издание | Втора страница | На прво место | Политика | Македонија | Економија | Хроника | Едиторијал | Анализа | Мислења | Писма | Свет | Култура | Спорт | Скопје | Забава | Некролог | Хороскоп | Што прават денеска | Фељтон |