19.04.2013, 16:43 На ручек „Cafe Crepe“ - Заводливи француски палачинки
Вкусот сигурно долго ќе им го паметите, сеедно дали се класични или гурмански, солени или благи
Валентина Тодоровска
Колку сме ние, луѓето од престолнината, позитивно растоварени муабетџии? Не треба многу, само една прошетка по улицата „Македонија“ и ќе се уверите во тезата - сеедно дали е делник, и без оглед на тоа кој дел од денот е... Кафулињата се полни, шарени, весели, бучни, се рекламираат очила, тазе исфенирани коси, нови момци... И - се пие. Секако дека различни народи, некогаш и поради корените, имаат лоши алкохолни навики, ама предрасудите често и се уриваат. Јас, на пример, мислев дека на Германците им нема конкуренција, ама на чело на „алкохолната колона“ се наоѓаат Британците. И што се виновни тие кога имаат толку добри пабови, што просто повикуваат и мамат? Инаку, најголеми пивопијци се Чесите, ама моите фаворити се важни производители на оваа течна храна. Русите? Без оглед на статусот и годините, тие утрата ги започнуваат со ладен туш и ладна вотка. Ги следат во чекор браќата Молдавци - тие се на уште еден врв, во однос на испиениот алкохол по број на жители. Французите? Тие наздравуваат со вино, а наздравуваат многу и често. Токму поради таа пролетна еуфорија, посакав да јадам на нашата „Шанзелизе“ и да гледам како пулсира Скопје.
Со таа мисла ја здогледав „Cafe Crepe“, француска палачинкарница, и веднаш се сместив во надворешниот дел. Мислам дека има шест маси, едните се повисоки, како за јадење, другите се со фотелји и се пониски. Се слуша француски рок, се гледа и „палачинкарот“, едно момче со престилка и готвачка капа на риги, што развлекува палачинка на „подвижно тркало“, специјално наменето за таа слатка цел. Па, кога веќе не можам да отпатувам, можам да фантазирам.
Ја фиксирам насмевката „животот е убав“, особено кон крајот на денот, и ми приоѓа едно момче, т.е. келнер, нуди мени, ама според движењата разбирам дека му се брза. Не беше расположен да изжонглираме по две-три фрази на тема - кафуле, гости, време и слично. Ама, ќе дозволам ли тоа да ми ја скуси насмевката?
Менито си има вовед, кратко писание за традиционалниот бретонски колач (што веднаш го прескокнувам) и лесна најава за се' што следува понатаму - првин се наредени солени оброци: самоуса, палачинки свиткани како триаголници, 4 на број, што чинат 79 денари...
„Тука нешто не ми е јасно“, се обидувам да ја поправам комуникацијата со келнерот, ама џабе, разбирам од одговорот што следува. „Што не ви е јасно“, момчето не ја напушта лесно идејата „еден златник еден збор“ се' додека не ми го дослуша потпрашањето, на што се однесува цената, односно алузијата за нејзината пристапност. Ми ја потврдува бројката и јас нарачувам самоуса. Во меѓувреме гледам дека и солените и благите палачинки имаат своја еволуција, поделени се на класични и гурмански, или ако сакате - едноставно, предвидливи и комплицирани, богати. Го студирам слаткиот дел и наидувам на следново - La croquante (бисквити, кикиритки, мед, сладолед од ванила и шлаг), La Bretonne, (карамелизирано јаболко, ванила, сладолед, шлаг, домашен карамел), Bresielienne (карамелизирана банана, ванила, сладолед, шлаг и домашно чоколадо), La Balkans... Балкан? Е да, со нив ќе се заблажам, сигурна сум и не го читам составот за да се изненадам.
Франција е моја ветена земја, а Французите сериозно ги почитувам затоа што се на „ти“ со храната. Кај нив еден кроасан е рамно на прочитан расказ, палачинка - половина книга, а да си каснеш киш, исто како да го исчиташ Жак Превер. Да не ме разберете погрешно - тие си го прават животот подобар, а уживањето во јадењата им е аманет од дедовците, затоа им наздравувам. Всушност, со вода, која и не ја дочекав, затоа што келнерот едноставно ме заборавил, а гледам и зошто - се подготвува за одење, а на негово место застанува нов, расположен за работа, момче од втората смена. Ми посакува добредојде, многу брзо потоа донесе подметнувач, а набргу и комплет од палачинки.
Солените триаголничиња си ја оправдуваат цената, малечки се, иако веќе загубив врска со реалноста, па и не знам што е евтино, а што скапо. Топли се и привлечни. Земам една, не ја сечам, туку ја гризнува��, како сендвич. Мхммм. Многу убав вкус - морков, пилешко и кари сос, тамам солено, супер избалансирано. Уживанција. И не забележав кога стигнав до третата, многу ми се допадна филот и едвај се воздржував гласно да не ги изустам согласките „м“ и „х“. Како - ммммхххммм. Опасни се Французите. Ем што имаат добра храна ем си мислат на здравјето. Некаде читав дека нивните докторите советуваат задолжително да ја користат паузата за ручек. Да паузираат од стресот и да јадат. Во меѓувреме, ми пристигна џиновското писмо, наречено балканска палачинка (149 денари). Глетка достојна за фотографирање - отстрана има две топки, една е сладолед ванила, другата е шлаг, ишарана со „нутела“, типична калориска бомба. Сечкам и гледам дека внатре има рендан кекс и пак „нутела“. „Ова може да биде опасно“, од главата ми алармира мојот ангел-чувар. Палачинките се воздушести, правени со путер и во тоа е тајната на еден француски готвач, кој си го брендира производот. Типот се вика Jean-Andr? Charial и мора да му се оддаде чест и признание. Слаткото задоволство беше совршено, неколкупати правев пауза и сосема бев успокоена од вториот глас, на гастроѓаволот во мојата глава. Тој, верувале или не, постојано ми шепкаше - „еднаш се живее“.
Јас сериозно му верувам. |