18.11.2011, 18:36 Саботни муабети
Дадилката од Љубанци
Огнен Јанески
Во четвртокот, еден наш интернет-портал ја пренесе информацијата дека поранешниот министер за надворешни работи (Милошоски), во септември минатата година и' издал ДИПЛОМАТСКИ ПАСОШ на Дадилката од Љубанци (Нанова) на нашата амбасадорка во Берлин, Германија (Утевска-Глигорова). Тоа од старо-новата гарнитура на МНР е објаснето како дискреционо право на тогашниот министер, а образложението за пасошот е дека станува збор за експерт(ка), која, пак, во Берлин била претставена како тетка на амбасадорката. Хмммм...
И покрај дискреционото право, ова претставува, ем кршење на законот со давање образложение за непостоечка експертност (освен ако дадилките не се дел од меѓународна важност) - ем непотизам (фата морганичен), доколку (да речеме!) вистина Дадилката од Љубанци би била тетка на амбасадорката.
Но, како што гледате- законот не може ништо овде. Прво, затоа што дискреционото право на министерот му дозволува да издаде дипломатски пасош, а второ, затоа што дадилката вистина не и' е тетка на амбасадорката. И зошто овие лажги со опашки? Е па, затоа што кој си ја има мувата на капата - си ја ишка.
Но, на страна сето ова. Еве, ќе го избегнеме „кршењето“ на законот (нема прв пат да ни' биде) и ќе се свртиме кон исполнувањето на желбите. Мене, иако цел живот досега општеството ме убедува дека Дедо Мраз не постои, семејството отсекогаш ми ја кажувало вистинската приказна за овој новогодишен и Божиќен дарувач. И секако дека одлучив да си верувам дека постои.
Но, постојат работи што ни тој не може да ми ги исполни сам, па затоа одреден дел од барањата морам да ги поднесувам и на други адреси и желбите да си ги побарувам институционално, во рамки на слоганот "Граѓанинот пред се'"!.
На пример, за оваа Нова Година, сакам утрото на први Јануари, од „кобната“ 2012 да се разбудам со дипломатски пасош под елката. И секако, размислував (со оглед на тоа дека ниедна магија не е без негативна последица) дипломатскиот пасош што ќе го добијам (зашто се' уште не сум експерт по меѓународно право, политика или по дипломатија) да биде образложен како ДИПЛОМАТСКИ ПАСОШ за ЕКСПЕРТ за ШЕТАЊЕ КУЧИЊА на пример (оти дома си имам куче), или за ЕКСПЕРТИЗАМ во ГРАДИНАРСТВО (оти редовно метам лисја, чистам двор и корнам плевел). Само сакам да имам дипломатски пасош!
А бидејќи Министерството за надворешни работи има воспоставено дипломатски односи и со Шведска - и со Финска (кои ја делат Лапонија) може слободно да организира една билатерална спогодба со Дедо Мраз за мојот пасош, па ќе ми ја исполнат желбата. Уште и да го видам сегашниот министер (Попоски) во облека од Дедо Мраз како вози кочија влечена од ирваси или по нашки магариња - и ЧАО - ќе пукнам од радости. Оти за магариња не' сметаат во државава. Но, што ни' е гајле - баш ни' е убаво.
Туку, да не сме и' во кожата на Дадилката од Љубанци, која за ништо не е виновна! Освен што е експерт за хранење со кашички, перење бенкици, мачкање газиња со Павловиќева маст, думкање и менување пелени. Се разбира и познавањето на еден странски јазик - ГУГАЊЕ.
Иако, кога ќе ги разгледам сите овие нејзини дипломатски квалитети, сфаќам зошто еднаш одамна, во еден весник - неделник, еден автор напиша дека ние во Македонија имаме ПАМПЕРС влада. Тој, додуша, зборуваше за возраста на многуте министри и пратеници, но, во случајов, тука се вклопува одобрувањето дипломатски пасош на Дадилката од Љубанци. Луѓе бре, нам ни' требаат дадилки, оти како држава сме научени некој да не' думка, да ни' менува пелени и да ни' го пудри газето.
Затоа, уште еднаш да ви повторам господа од МНР, за Нова Година сакам дипломатски пасош! И не сакам холограмски (како „чудоно“ од Мараја Кери во четвртокот) туку сакам тврди биометриски корици со шаренолики листчиња меѓу нив. А дотогаш ќе си пеам: „Елко, елко, порасни уште две три педи, за да може МНР пасоши да реди!“ |