18.04.2012, 13:51 Јанкулоска: Истрагата напредува добро
Четириесетина граѓани се јавиле да пријават дека го виделе црвениот „опел омега“
Љубиша Станковиќ
Министеркат�� за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, изрази вчера задоволство од досегашниот тек на истрагата за бруталното убиство на петтемина скопјани кај Смиљковци. Таа рече дека четириесетина граѓани се јавиле на телефонската линија 199 за да потврдат дека го виделе автомобилот „опел омега“ што бил користен од убијците.
Според Јанкулоска, информациите се однесувале на точно определени време и место каде што бил виден „опелот“, но се очекува дека ќе има и такви што ќе можат да се присетат на физиономијата на лицето кое било зад воланот. Таа кажа дека најголемиот број информации се совпаѓаат со оние со кои располагал оперативниот штаб на МВР и дека е точно оти црвениот „опел омега“ влегол во државата.
Апелирајќи за трпение, Јанкулоска рече дека се „работи за поголем обем на информации за исклучително тешко и сложено кривично дело“ и дека поради тоа „е потребно да се направи се' и да не се дозволи некоја информација, која може да е суштинска, да не биде доволно разработена“.
Министерката тврди дека полицијата има сериозни информации што би можеле да значат конечно разрешување на случајот што се одигра кај Железарско Езеро, но уште еднаш повтори дека за тоа е потребно време.
„Имаме многубројни информации и податоци што се со добар квалитет и ќе помогнат за финално расчистување на случајот“, рече Јанкулоска, која повтори дека ова е најтежок случај досега, но дека на него работат најискусни во полицијата и се' е ставено во функција на расчистување на убиството.
„Сето тоа ќе даде плод“, рече Јанкулоска, која притоа појасни дека разговорите со семејствата на починатите се' уште не се завршени, наведувајќи ја како причина нивната состојба.
За трагедијата што се случи минатиот четврток со соопштение се огласи и скопскиот Кривичен суд. Оттаму информираа дека е преземено се' што е во домен на работата на судот, односно дека истражниот судија ги издал сите потребни наредби за вештачење, како и наредба за обдукција на телата на починатите, а биле преземени и други дејства, но дека до нив не се доставени писмените наоди и мислења на вештите лица.
Од скопскиот Кривичен суд потврдуваат дека истрагата за овој случај и натаму е во тек.
|