17.04.2012, 17:27 Напнат мир во Скопје
По понеделничките немири, во главниот град вчера беше засилено полициското присуство
Горан Адамовски
Скопје вчера живееше напнато, но мирно. По понеделничкиот протест, во кој беа повредени пет лица, а искршени неколку излози, вторникот донесе неспокој, неизвесност од нови протести и силно полициско обезбедување низ градот, дополнително оптоварено поради посетата на чешкиот премиер. „Денеска ќе има два протеста: едниот пред Влада, другиот во ‘Жена-парк‘. Двата се напладне, ќе биде весело“, почнаа шпекулациите уште во раните утрински часови.
Униформирани полицајци и „алфи“ на секоја раскрсница во централното подрачје. Носени од гласиштата на „Фејсбук“, две групи средношколци, кои вчера имаа скратена настава во училиштата, дојдоа пред семафорите на Владата. Но, од протестите немаше абер. Сообраќајот се одвиваше нормално, немаше насобран народ, само еден куп лимузини со кои се возеа високите гости од Чешка. Мирно и спроти Собранието. Наеднаш паника: полицијата ги затвори за сообраќај блиските семафори. Граѓаните се чудеа, возачите негодуваа.
„Изгледа има протести, само да биде мирно“, коментираа минувачите. Набргу, се' стана јасно: претседателот на Владата на Чешка дојде во посета на македонскиот парламент. Протести, барем преку ден, нема.
Во меѓувреме, се сумираат последиците од вандализмот во понеделникот. Од МВР соопштија дека протестот што почна околу 17 часот пред Владата не бил најавен, туку се организирал преку социјалните мрежи. Присуствувале околу илјада луѓе, претежно млади, кои со камења фрлаа кон полицајците и кон зградата на извршната власт. Скршени се неколку прозорци. Дел од групата, потоа преку мостот „Гоце Делчев“, се обиде да продре до Бит-пазар, но беше спречена од полицијата, при што дојде до силни пресметки. Повредени се двајца полицајци и тројца граѓани, а настрада и стаклото на полициски „крајслер“.
„Приведени се 14 лица. Се работи на идентификација на оние што ги нападнаа полицајците и новинарите. До крајот на денот ќе се прегледаат снимките и потоа ќе видиме кому ќе му биде поднесена кривична или прекршочна пријава“, најави МВР.
Групата, која за цело време извикуваше националистички пароли, продолжи кон Камениот мост и плоштадот „Македонија“ за на крајот да стигне пред зградата на парламентот. Поголеми нереди немаше, но беа скршени неколку билборди.
Апели за воздржаност пристигаат од сите страни. Иницијативата „Заедно за мир“ смета дека преземањето насилни акции и говор на омраза може само да не' воведе во спирала на насилство на која сите ќе бидеме жртви. Опозицискиот СДСМ смирува и бара државните органи да ја добијат шансата на сите граѓани, организации и институции, на брз, професионален и ефикасен начин да ја спроведат истрагата до крај. Оттаму жалат што претседателот, Ѓорѓе Иванов, „не само што не го свика Советот за безбедност, туку и не најде за потребно да и' се обрати на нацијата со пораки за смирување“. |