17.04.2012, 17:15 Нечас: Тензиите ве оддалечуваат од ЕУ
Чешкиот премиер се пожали на административни бариери за инвестициите од неговата земја
„Секој тензија може да ја наруши интеграцијата на земјата во Европската унија“, беше пораката вчера на чешкиот премиер Петар Нечас, на прес конференцијата со премиерот Никола Груевски во Скопје. Груевски му пренел дела Владата сака тензиите да се смират и да се стабилизира состојбата во земјата, но пред камерите одговорот на тоа прашање го препушти на гостинот.
Нечас не се штедеше во давањето генерална поддршка за Македонија во однос на приемот во НАТО и интеграцијата во ЕУ, но не навести дали на самитот во Чикаго ќе отиде чекор подалеку.
„Чешката Република го поддржува членството на Македонија во ЕУ и во НАТО. Тоа е од интерес не само за земјата, туку и за ЕУ и за Северноатланстката алијанса. Ве поддржавме и во Букурешт. Го поддржуваме проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан бидејќи зачленувањето во НАТО и во ЕУ значи проширување на зоната на безбедност. Од тој аспект ја имате нашата целосна поддршка“, рече Нечас. Конкретно, тој најави подготвеност Прага да ги сподели своите искуства од процесот на пристапувањето кон ЕУ, особено во делот на усвојувањето на европското законодавство, порачувајќи дека е тоа долг и детален процес бидејќи на неговата земја и требало дури седум години да стигне до целта, рок што пак на Македонија и беше мал и да го започне.
Околу најпосакуваната тема, економската соработка, Нечас ги нагласи големиот интерес на бизнис заедницата да работи со Македонија, помошта што им се дава на компаниите за да извезуваат и да инвестираат, но и бариерите со кои тие се соочуваат во нашата држава.Како што рече, приватните чешки компании бараат можности и се подготвени да инвестираат во Македонија во повеќе области, па тој пред премиерот го отворил прашањето за остранување на проблемите и административните бариери со кои се соочуваат и добил уверување дека Владата сака нивните инвестиции да бидат успешни и ќе работи на тоа.
Премиерот пак потенцираше дека лани била двојно зголемена трговската размена со Чешка во однос на претходната година и притоа го поздрави како добар чекор присуството на делегација на бизнисмени, бидејќи иректните контакти на компаниите со компаниите се незаменливи.Сепак, најави дека идната година македонска владина делегација ќе ја посети Чешка и дека можеби ќе има во неа и претставници од бизнисот.
- Таргетирани ќе бидат компании кои што ги надминале националните граници на Чешка, реализирајќи огромни проекти дома и кои бараат региони за инвестирање и правење бизнис надвор од Чешката Република“, најави премиерот.Според Нечас, чешките бизнисмени се заинтересирани да учествуваат во тендери и да влезат во проекти од областа на енергетиката, инфраструктурата, рудното богатство и екологијата. (С.Ј.) |