12.11.2012, 17:12 Москва ќе диктира услови за гасот
За првата фаза од гасификацијата ни се потребни околу 75 милиони долари, од кои 60 милиони се од рускиот клириншки долг, а кога ќе започне таа, сега не е познато
Маја Томиќ
Новиот проект на руски „Газпром“ за изградба на транснационалниот гасовод „Јужен тек“, кој ќе стартува на крајот на годинава, деновиве е меѓу главните теми во соседството како и кај нас. Голем е интересот на државите низ кои треба да поминува гасоводот, како и на оние кои планираат да се приклучат со крак и да се гасифицираат. Јавноста е љубопитна и во неизвесност затоа што не се познати многу детали, а во моментот, ниту менаџментот на „Газпром“ не дава одговор на некои прашања. Она што за сите е неоспорно е фактот за придобивките од користењето на гасот, како за домаќинствата така и за фирмите, но останува многу непознато. За нас е неизвесно кога ќе се приклучиме со крак на „Јужен тек“, кој треба да биде изграден во 2015 година и кога Владата ќе обезбеди доволно пари. И за првата фаза и за целосна гасификација. Додека соседните земји, кои се неколку чекори напред во овој проект, а тоа се: Србија, Бугарија, Унгарија, Словенија и Италија, веќе имаат законска регулатива и потпишаа државни договори за заедничко учество во „Јужен поток“, а сепак, имаат повеќе дилеми.
Од „Јужен тек“, кој ќе минува низ Бугарија, Србија, Унгарија, Словенија и Италија, делот на гасоводот низ Бугарија ќе изнесува околу 800 километри. Тој ќе тргнува од рускиот град Анапа, ќе оди под Црно Море до Бургас. Главното прашање за бугарската Влада е како да се најдат околу 500 милиони евра. Толку според грубите процени изнесува учеството на државата во гасоводот кој ќе минува низ нивната земја, а се проценува на вкупно 3,3 милијарди евра. Второто прашање е колкава ќе биде продажната цена на гасот. Бугарската јавност очекува, затоа што најголем дел од цевките ќе минуваат низ таа земја, да има повластена цена за еден кубен метар гас. Дали тоа е можно да се случи, засега не се знае.
Одговор на ова новинарско прашање немаше ниту Леонид Чуганов, главниот проект-менаџер на „Јужен тек“. На прес-конференција во седиштето на „Газпром“ во Москва, одржана деновиве, тој нагласи дека целосната вредност на „Јужен тек“ е многу променлива категорија и дека во текот на неговата изградба, најверојатно, ќе претрпи повеќе корекции. Оттаму не сакаше да даде никакви коментари ниту околу точната вредност на проектот во Бугарија, која ја пресметале проектантите. За цената на гасот во Бугарија, пак, требало допрва да се преговара на државничко ниво.
Србија смета дека со тоа што ќе се гасифицира, ќе се поттикне економскиот раст на земјата и ќе се отворат можности за повеќе странски инвестиции. „Јужен тек“, според српската Влада, ќе овозможи и изградба на мали гасни централи, кои ќе произведуваат топлинска и електрична енергија за потребите на поголемите градови, како Белград и Нови Сад. Во проектот „Јужен тек“, во делот кој минува низ Србија, „Србијагас“ е сопственик на 49 отсто, а остатокот е на руски „Газпром“. Се проценува дека делот на „Јужен тек“ во Србија ќе чини околу 1,7 милијарди евра. На прашањето колкава ќе биде цената на гасот за српските потрошувачи, Чуганов не можеше да прецизира и рече дека неа ќе ја одредува самиот пазар, а не е сигурно дали ќе има какви било попусти за потрошувачите. Неофицијално, 1.000 кубни метри гас ќе се продаваат по цена од околу 500 евра, додека моментално, гасот од Унгарија во Србија е по цена од 470 долари, со попустот од 12 отсто договорен за оваа година. Инаку, како што најави Чуганов, камен-темелникот на компресорската станица за гас на границата со Унгарија
ќе биде ставен во декември. Тој не кажа прецизно на кој датум ќе се случи тоа, ниту пак, ја потврди информацијата дали лично претседателот на Русија Владимир Путин ќе присуствува на тој настан. Тоа за дел од скептичните Срби, кои не веруваат во реализацијата на проектот, е некој вид на гаранција дека тој навистина ќе се спроведе во нивната земја.
А, Македонија беше и останува оптимист дека ќе биде гасифицирана еден ден. Во тек е процедурата за потпишување договор меѓу Русија и Македонија за вклучување на земјава во „Јужен поток“, со крак од Србија или од Бугарија, што треба допрва да се утврди. За првата фаза од гасификацијата, за трасата Клечовце, Штип, Неготино, Кавадарци, ќе ни бидат потребни околу 75 милиони долари, од кои 60 милиони се обезбедени од клириншкиот долг на Русија и директно ќе им се исплатуваат на фирмите што ќе градат. Но, останува неизвесно кон кој крак ќе се приклучиме на главната гасоводна цевка, дали од Бугарија или од Србија, кога ќе почне првата фаза од изградбата на гасната мрежа и кога и од каде Владата ќе го обезбеди својот дел од средствата од 15 милиони долари. Исто така, не се знае колкав период е потребен за целосна гасификација, нешто за што се зборува многу години и за што, според некои груби пресметки, ни се потребни околу 300 милиони евра. |