13.01.2013, 17:28 МПЦ разединета, а повикува на единство
Поглаварот г.г. Стефан вели дека црквата ако треба, може и да посредува во политичко помирување во земјава
АНЕТА ДАСКАЛОВСКА
Битола - „Еден од најголемите непријатели на македонскиот народ е меѓусебната недоверба, поделбата, меѓусебните расправии, кои ни се повторуваат. Еве од Битола испраќам апел до сите оние што се повикани да го градат, да го чуваат и да го создаваат единството, да ни се случи тоа“, порача архиепископот, г.г. Стефан од Битола.
Прашан дали би се одзвал на барањето да посредува за помирување на одредени личности кои влијаат во јавниот и политичкиот живот на државата, поглаварот на МПЦ г.г. Стефан рече дека црквата нема да се откаже од посредник во политичкото помирување.
„Досега не пристигнало такво барање, но сметам дека сите сме повикани да помогнеме таму каде што можеме за да тоа се случи. Црквата нема да откаже од својата улога“, потврди архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, напоменувајќи дека едно од основните учења на црквата е единството меѓу луѓето.
„Мајката Македонска православна црква секогаш кога ќе почувствувала дека тоа треба да го прави, го правела и ќе го прави. За време на Божикните чествувања ја нагласивме потребата од единство на нашиот народ“, рече поглаварот Стефан, кој заедно со митрополитите Петар, Тимотеј, Иларион и викарниот епископ Климент, вчера во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола одржаа литургија. На свечениот чин му претходеше осветување на фреските во храмот.
На новинарско прашања зошто митрополитите Петар и Тимотеј јавно се пресметуваат околу случувањата во Австралиско-новозеландската епархија поглаварот на МПЦ одговори дека жали за таквите состојби.
„За жал такви нешта се случуваат и во Црквата, но денешната богослужба потврди и потврдува дека ако има различни мислења, ставови, впечатоци или сеќавања дека иднината и сегашноста можат заедно да помогнат да се надминат некои случувања и во највисокиот врв на МПЦ“, рече тој додавајќи дека Австралија е прекрасна можност и прилика за двајцата митрополити заеднички да настапат, да го сочуваат и да го залечат потребното единство меѓу Македонците во Австралија.
„Архиереи избира, поставува и назначува Синодот на МПЦ и не сакам да коментирам лични желби искажани преку медиумите, рече архиепископот Стефан, прашан дали архимандритот Царкњас ќе биде назначен за митрополит.
Митрополитот Тимотеј, пак, кусо изјави дека нема ништо против владиката Петар, а и дека верува оти и тој нема ништо против него.
Битолскиот митрополит Петар, од друга страна, рече: „Се' што сум кажал порано, сум кажал, но верувам дека во иднина ќе биде добро“.
На Божикната прес-конференција во битолската митрополија, владиката Петар рече дека митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, претседателот на „Достоинство“, Стојанче Ангелов и охридскиот градоначалник Александар Петревски се мешале во црковниот спор во Австралија.
|