14.01.2013, 16:23 Евтините кредити најбарани - искористени 50 милиони евра
До крајот на јануари уште 20 милиони евра се очекува да се префрлат на сметките на компаниите, лани, пак, беа повлечени 25 милиони евра од ЕИБ
Соња Маџовска
Речиси 50 милиони евра, или половина од евтината кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка се искористени од компаниите. Минатата година беа повлечени 25 милиони евра, а до крајот на јануари се очекува на сметките на фирмите да легнат уште 20 милиони евра.
Во услови кога банките не најавуваат пониски камати за нивните производи, иако минатата недела Народна банка ја намали основната каматна стапка на 3,5 отсто, очигледно е дека оваа кредитна линија од ЕИБ со фиксна камата од 5,5 отсто и долг рок на отплата е првиот избор за компаниите.
Бизнисмените потврдуваат дека кредитната линија од ЕИБ, која се повлекува преку Македонската банка за поддршка и развој, а за која проектите се поднесуваат кај банките, е првата на која помислуваат за да ја одржат ликвидноста, но и кога треба да влезат во нови инвестиции.
Оваа кредитна линија е особено значајна за малите и средните фирми, додека големите компании повеќе се решаваат за револвинг-кредитите на домашните банки.
Во време на криза и висока неликвидност поволните кредити од оваа банка изгледаат како ефикасен лек за македонското стопанство, велат од Коморите.
„Во услови на намалена ликвидност кај фирмите и тешки услови за стопанисување, кредитите од ЕИБ се со најдобри услови. Најголем интерес за овие заеми има кај компаниите од земјоделскиот и металопреработувачкиот сектор. Дел се за обртни средства, односно за подобрување на ликвидноста, но значителен дел се за нови инвестиции и развој“, вели Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопански комори.
За разлика пак од него, од Комората на Северозападна Македонија велат дека ниту една нивна компанија не искористила средства од оваа кредитна линија. Нивните членки лани се жалеа дека во банките најчесто им кажувале дека средствата од ЕИБ се веќе искористени.
„Оваа кредитна линија во суштина е добра извор на финансирање. Како Комора се обидуваме да ги анимираме членките да ја користат. Но, еден од клучните проблеми кој го имавме е кога на најмалку три членки кои побарале од овие заеми им било кажано дека се потрошени, а во замена за овие средства им биле понудени други банкарски производи кои се со повисока камата. Затоа директно зборувавме со банките да се надмине овој проблем, но засега од нашата Комора нема ниту една компанија која зела ваков кредит“, вели Фатмир Битичи, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Од МБПР истакнуваат дека нема компанија која веќе добро не ги познава условите за оваа линија, а тие ја прифаќаат поканата на која било Комора или здружение што ќе ги повика да отидат за да им ги објаснат условите. Од МБПР постојано остваруваат средби со стопанствениците и имаат можност да ги чујат нивните поплаки. Велат дека ги прифаќаат дискусиите, но, сепак, не може да се добие кредит без никакво обезбедување.
Тие се задоволни од досегашното темпо на искористеност, а од Владата веќе најавија дека нејзиното искористување ќе донесе нови 100 милиони евра.
На крајот од минатата година се повлече првата транша од 25 милиони евра која ја искористија 101 македонска компанија, а тие отвориле 480 нови работни места.
Оваа кредитна линија е трета од ЕИБ. Првата изнесуваше 100 милиони евра и иако рокот за искористување беше две години, парите се повлекоа за една година. Така беше и со втората линија од 50 милиони евра, а за третата, од МБПР велат колку побрзо ќе се искористи толку побрзо ќе биде одобрена нова. Всушност, кога ќе се искористат 80 отсто од овие 100 милиони евра, тогаш ќе бидат дадени на располагање уште 100 нови. |