24.10.2008, 18:42 ОПЕК го намали дневното производство на нафта
Виена-Лондон - Организацијата на државите-извознички на нафта ОПЕК на вчерашното вонредно заседание во Виена донесе одлука за намалување на дневното производство на нафта од 1 ноември за 1,5 милион барели.
Како што соопшти министерот за нафта на Саудиска Арабија Али ал-Нуајими, ваквата одлука е донесена со цел да се запре континиураното намалување на цената на нафтата. Претседателот на ОПЕК Чакиб Хелил, пак, изјави дека одлуката на картелот за намалување на производството на нафта нема да има влијание врз инфлацијата и економскиот раст.
Но, и покрај ваквата одлука на ОПЕК, цените на нафтата на светските берзи продолжија да паѓаат. Европскиот „брент“ од Северно Море за испорака во декември поевтини на 61,8 долари за барел, што претставува најниска цена на овој тип нафта од март 2007 година. Северноморската нафта чинеше 65,92 долари за барел. Американската лесна нафта, исто така, за декемвриска испорака, поевтини за 63,05 од завчерашните 67,84долари за барел, што е нејзина најниска цена од мај 2007 година. Според аналитичарите, причина за падот на цените на нафтата е стравувањето дека глобалната економска рецесија ќе резултира со намалување на потрошувачката на енергенсот. Во споредба со јули, кога нафтата достигна рекордна цена од над 147 долари за барел, сега таа е поевтина за речиси 60 проценти.
Аналитичарот Кен Хасенгава смета дека загриженоста поради последиците на економската криза е поголема од стравот за недостиг од нафта по најавеното намалување на дневното производство, поради што енергенсот се' уште поевтинува на светските берзи. „Берзите се' уште се многу слаби и сметам дека нафтениот пазар нема толку брзо да реагира на одлуката на ОПЕК за намалување на производството. Останува да се види како ќе реагираат берзите по донесувањето на ваквата одлука на ОПЕК“, вели Хасенгава. (МИА) |