24.10.2008, 18:42 Бензините паѓаат - каде се другите поевтинувања?
Добра вест за возачите - в понеделник сигурно може да се очекува ново намалување на цената на бензините. Колку - засега не можат да прецизираат во регулаторната Комисија за енергетика. Оттаму објаснуваат дека поевтинување на дериватите сигурно ќе има, но на кое ниво моментно не може да се прогнозира, бидејќи пресметките ќе се правеле дури в понеделник наутро, по што јавноста ќе биде известена за точниот процент на поевтинувањето. „Во секој случај, ќе има поевтинување на цената на бензините, но колкаво ќе биде сега не би можеле да кажеме“, изјави Славе Ивановски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Ваквите најави следуваат откако во изминативе две недели континуирано опаѓаат цените на нафтата на светските берзи. Вчера тие достигнаа дури и до 61 долар за барел. Но, од друга страна, расте и цената на доларот на светските пазари на капитал, па поради тоа е тешко да се калкулира околу претстојното намалување на цените на бензините. Но, падот на цената на нафтата на светските берзи, како резултат на што е поевтинувањето на нафтените деривати и кај нас, отвора едно друго прашање, а тоа е кога ќе поевтинат и сите други производи што поскапеа поради скапата нафта. Како што е познато, во периодите кога нафтата „жареше“, во земјава поскапеа серија производи, пред се' прехранбените, парното, јавниот превоз, такси-превозот, а сето тоа беше направено со оправдување дека е неопходно поради високата цена на дериватите. Сега, во време кога цените на црното злато паѓаат, време е да се постави прашањето до сите што ги зголемија цените - дали и кога ќе можеме да очекуваме нивно намалување? Од она што засега може да се види низ маркетите во земјава, храната не само што не поевтинува туку дури и има нови поскапувања кај одредени производи. Парното немало да добие пониска цена, а како алиби сега се користи повисоката цена на гасот. Од областа на јавниот превоз, само одредени приватни сопственици на автобуси ги намалија цените. Од ЈСП „Скопје“, пак, досега нема „абер“ од најава за намалување на цените на автобуските билети. (Н.Н.Ф.) |