12.10.2012, 17:47 И принцот Лека Зогу му се поклони на Хасан Приштина
Внукот на албанскиот крал присуствуваше на академијата во Скопје и имаше средби со врвот на ДУИ
Наум Котевски
Хасан Приштина е идеолог, дипломат, визионер, човек кој има извршено огромно влијание врз свеста на албанскиот народ, потсетија албанските историчари, академици, но и политичките првенци на ДУИ, вклучувајќи го и лидерот Али Ахмети на вчерашната свечена академија во „Александар палас“, посветена на ликот и делото на светилникот во историјата на Албанците.
На настанот се појави и принцот на Албанија, Лека Зогу Втори, за чиј дедо Ахмет Зогу постојат сомнежи дека го нарачал убиството на Хасан Приштина.
Зогу, кој срдечно се прегрна со Ахмети, го наруши текот на свеченоста влегувајќи во салата на средина од манифестацијата. Имаше и такви кои се чудеа кој е човекот, но откако преку разгласот беше кажано за кого станува збор следеше громогласен аплауз. Според дел од присутните, тоа претставува гест на историско помирување.
Свеченоста, која почна со интонирање на албанската химна во изведба на оркестарот при Тетовскиот универзитет, практично беше увертира на она што ќе да се случува в недела, кога кај Трговскиот центар „Мавровка“ треба да биде поставен споменикот на Приштина.
Тој ќе биде висок пет метри, од кои три метри е споменикот, а два метра е постаментот и е донација на неговиот внук Мехмет Приштина. Вредноста е 72.000 евра. Автор е скулпторот Артан Пеќини, а споменикот го донира Мехмет Приштина, роднина на Хасан.
Пред една недела Универзитетот во Приштина беше прекр��тен со неговото име, а споменик ќе биде подигнат и во Тирана. Споменикот, пак, во Скопје е дел од величењето на стоте години од создавањето на албанската држава.
Меѓу другото, на свеченоста за Хасан Приштина беше кажано дека бил учен човек. Знаел пет-шест јазици, а дел од монографијата ја пишувал на француски. Неговата политичка платформа, според дискутантите, била значајна за Албанците. Како што бил значен за нивните права документот со 14 точки кој Приштина го доставил до парламентот на Турција, каде што во четири наврати бил пратеник. Политички ја насочувал побуната на Албанците против турските власти, која прераснала во востание од широки размери. За време на Балканските војни, Хасан се обидувал да ја спречи поделбата на делот од Османлиското Царство населено со Албанци меѓу Србија и Црна Гора. Бил жесток противник на владата на Ахмед Зогу, кој уживал поддршка од Југославија. Тој живеел долго и во Скопје и тука имал свои бизниси.
Инаку, споменикот на Приштина кај „Мавровка“ предизвика жестока расправа на последната седница на Советот на Општина Чаир, каде што беше договорено да бидат поставени уште три споменици, по еден од сите националности во општината - Македонец, Турчин и Бошњак. Тоа беше компромисот што го постигнаа советничките групи на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ.
|