28.09.2012, 10:00 Нимиц најави преговори во октомври
Медијаторот и ја поддржува и се оградува од Хашката пресуда
Њујорк - Медијаторот за спорот околу името, Метју Нимиц најави нова рунда преговори меѓу двајцата преговарачи, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис во Њујорк во октомври. Тоа треба да значи дека ќе се одблокираат преговорите меѓу Македонија и Грција по подолг период застој, дотолку повеќе што и шефот на грчката дипломатија го уверувал медијаторот дека, и покрај финансиската криза, Грција има капацитет да се справи со ова прашање.Нимиц исто така најави дека размислува повторно да го посети регионот за да направи проценка кога е најдобар термин за средбата.
„Економската и финансиската состојба во Грција е многу сериозна. Очигледно е дека тамошната влада работи многу напорно на кризата и тоа е нивниот прв приоритет. Искрено тоа е прв приоритет и за целиот свет. Тоа е големо прашање, но министерот Аврамопулос ме уверуваше дека нивната влада е целосно способна и заинтересирана да се справи и со овој проблем, дека во Грција има влада, и таа можела да се справува со сите прашања. Не мислам дека економските прашања во Грција, колку и да се тешки, би требало да ги спречат да работат и на ова прашање, и се надевам дека тоа ќе се разреши“, изјави Нимиц.
Нимиц, исто така ја оценил како значајна пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во врска со спорот за името, сугерирајќи дека на неа треба да се обрне внимание, но со ограда дека таа сепак не е во описот на неговиот мандат.
„Одлуката на Меѓународниот суд на правдата заслужува да биде проучувана и набљудувана. Јас не сум експерт за овој конкретен аспект, тоа не спаѓа под мојот мандат кој е медијаторство меѓу двете земји според резолуциите на Советот за безбедност и Времената спогодба. Одлуката на МСП се однесува на други аспекти и во мојата улога јас не се занимавам конкретно со ова прашање. Но, јасно е дека МСП е една од големите светски институции и неговите одлуки заслужуваат полна почит“, изјави амбасадорот Нимиц по средбата со Иванов.
Тој го истакна личниот ангажман на генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, кој по неодамнешната посета на Македонија телефонски разговарал со грчкиот премиер Андонис Самарас.
„ Тоа е добра вест за мене, бидејќи овие разговори навистина беа бавни изминатата година, од повеќе причини. Решение требаше одамна да се најде, и овој спор создава многу фрустрации во меѓународната заедница и во регионот. Знам дека генералниот секретар на ОН силно сака ова да се случи, и даде навистина силни инструкции да се види што може да се стори за да ги приближиме двете земји поблиску“, оцени Нимиц. За шефот на државата Ѓорѓе Иванов личниот ангажман на Бан Ки Мун е „најзначајното придвижување во спорот за името кое произлезе од годинешново Генерално собрание на ОН“.
„ Доколку ги споредувам досегашните три заседанија на Генералното собрание на кои учествував, сметам дека ова е најуспешно, бидејќи беше многу содржајно, почнувајќи од средбата со генералниот секретар Бан Ки-мун која беше на негово инсистирање. Секретарот Бан ги пренесе неговите сознанија што ги има по посетата на Македонија, кога вети дека лично ќе се ангажира за надминување на спорот за името. Се чувствува неговата посветеност по средбата, која ја имавме во Македонија“, оцени Иванов.Според него, Ки Мун дал лична инструкција до неговиот пратеник за спорот за името, амбасадорот Метју Нимиц, да се интензивираат разговорите на Македонија и Грција, и дека оттаму произлегува и повикот на Нимиц да се организира средба на двајцата посредници во текот на месецот.
|