11.06.2012, 17:57 Со енергијата ќе се тргува на дневна основа
��е воведуваат нови правила на пазарот на електрична енергија со тргување со струја на дневна, наместо на неделна основа. Регулаторната комисија за енергетика го донесе новиот Правилник што ќе се применува од 1 јануари 2013 година. До крајот на годината енергетските компании ќе имаат тест- период на приспособување. „Се отвора ново поглавје во либерализацијата на пазарот на електрична енергија, на кој од 1 јануари 2013 година струја ќе купуваат повеќе од 170 домашни компании по пазарно утврдени цени“, рече на вчерашната прес-конференција, директорот на МЕПСО, Дејан Бошковски.
Со новиот подзаконски акт се уредуваат правата, обврските и меѓусебните односи на учесниците на пазарот на електрична енергија, производители, потрошувачи, трговци, како и на МЕПСО кој е организатор на целиот процес. Ќе се применуваат листи на приоритети. При тоа, на листата на понудите приоритет ќе има оној понудувач на струја кој бара најниска цена за понудената количина, а на страната на побарувачката приоритет има купувачот кој бара струја по највисока цена.
Учесниците ќе имаат можност сами да направат балансни групи, со што ќе се сведат на минимум или ќе се елиминира дебалансот во системот. Со новите правила се предвидува и пенализација. Секој учесник ќе плаќа казна доколку не преземе или не предаде во енергетскиот систем количина која е идентична со количината што најавил дека ќе ја произведе или потроши за секој час во текот на денот. (М.Т.) |