14.06.2012, 16:06 За 9,99 евра до Милано, Минхен, Малме...
Нискобуџетната компанија „Виз ер“ доби субвенции од Владата за шест нови директни линии до дестинации во Европа
Сања Наумовска
Милано, Ајндховен, Дортмунд , Минхен, Малме и Базел се новите шест дестинации до кои македонските граѓани ќе можат директно да летаат со нискобуџетната компанија „Виз ер“. Унгарскиот авиопревозник го доби тендерот на македонската Влада за субвенционирање нискобуџетна компанија која ќе понуди шест нови дестинации за директни летови од скопскиот аеродром „Александар Велики“. Цените на билетите ќе почнуваат од 9,99 евра во еден правец, без аеродромските такси. Според најавите од авиопревозникот, од 28 октомври треба да се воспостават директни летови двапати неделно кон Милано, Ајндховен, Дортмунд и Минхен, од 29 октомври двапати неделно ќе се лета до Малме, како и трипати неделно до Базел, почнувајќи од 30 октомври. „Виз ер“ понудила и алтернативна дестинација до Брисел која можеби ќе ја развие во наредниот период.
Одлуката „Виз ер“ да ги добие субвенциите од државниот буџет, во висина од 40.000 евра за секоја од линиите кои ги предлага, вчера ја објавија вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески. Информираа дека во текот на постапката, тендерска документација подигнале три авиокомпании, а единствено
„Виз ер“ доставила понуда.
„Од оваа мерка ќе имаат корист не само туристите туку и македонските граѓани бидејќи ќе може да патуваат по навистина ниски цени. Од разговорите со ’Виз ер’ има најави дека цените на билетите ќе почнуваат со 9,99 евра во еден правец“, рече Пешевски.
Нискобуџетната компанија ќе добива субвенции во следните три години, и тоа во висина од 40.000 евра за секоја од шесте нови дестинации кои ќе ги одбере. Покрај тие, за секоја дополнителна дестинација до која ќе се воведе редовна авиолинија, авиокомпанијата ќе добие и еднократна сума од 30.000 евра. Владата ќе субвенционира и за секој заминат патник од нашите аеродроми, и тоа по 9 евра за патник во првата година, по 8 евра во втората и по 7 евра во третата година.
„За субвенционирањето на секој заминат патник може да аплицираат и авиокомпании кои веќе опслужувале линии од и до аеродромите во Македонија. Верувам дека со ваквиот начин на субвенционирање ќе ја оствариме целта, а тоа е Македонија да го оправда епитетот крстосница на Балканот и да ја искористи својата поволна локација“, оцени Ставрески.
Според условите во тендерот, авиокомпанијата треба да превезе најмалку 120.000 патници годишно во првата година, 135.000 патници во втората и 150.000 патници во третата година од субвенционирањето. „Виз ер“ воедно презема обврска најдоцна до крајот на годинава да воспостави база од најмалку еден авион на аеродромот „Александар Велики“ и да ја одржува во период од три години во согласност со условите од тендерот.
Министерот Јанакиески нагласи дека Македонија има законска можност, но во моментов нема интерес за национален авиопревозник.
„Состојбите во земјите од регионот покажуваат дека дел од тие авиокомпании се во многу лоша финансиска состојба, а дел од нив и банкротираат. Сметаме дека ова е најдобар начин за привлекување повеќе патници и ниски цени на билетите“, посочи Јанакиески. |