28.11.2012, 17:16 Oд сида заболе шестгодишно дете
Седумнаесет години по прилепскиот случај кога беа заразени две деца, ова е прво дете кај нас на кое болеста му ја пренела мајката
Јасмина Јовановска-Вељановска
Шестгодишно дете од источна Македонија е најнов пациент кој е болен од сида. Опасната болест му е откриена пред околу две недели кога било примено на Детската клиника заради лекување воспаление на мозокот. Специфичните симптоми ги натерало лекарите да се посомневаат и откако тестот за ХИВ-инфекцијата се покажал позитивен, детето веднаш било префрлено на лекување на Инфективна клиника. Епидемиолозите велат дека 17 години во земјава немало случај на дете болно од сида, односно по прилепскиот случај со двете деца, ова е прво дете на кое болеста му ја пренела мајката. Неговите мајка и татко не знаеле дека имаа сида. За болеста дознале по тестирањето кое им било извршено откако кај нивното дете била дијагностицирана инфекцијата.
На прашањето како здравствениот систем можел да пропушти детето да се зарази од мајката, кога една од главните превентивни активности на државата е насочена токму кон спречување на ХИВ-инфекцијата од мајка на дете, д-р Жарко Караџовски, раководител на Одделот за заразни болести при Институтот за јавно здравје, вели дека тестирањето за ХИВ не е задолжително за бремената жената, ниту, пак, кога се пораѓа. Друго е прашањето што оние кои имале ризичен сексуален однос имаат страв да се тестираат, иако бесплатните анонимни тестови се достапни во 14 центри во земјава и во четири во Скопје.
Во 1987 година беше регистриран првиот ХИВ-заразен кај нас, заедно со семејните три случаи на сида, а годинава, иако не е завршена, веќе се откриени рекордни 20 нови заразени. Од нив најмногу се заразени од Скопје и тоа 12 лица, потоа по тројца од Куманово и од Радовиш и двајца се од Кичево. Најголемата бројка на новозаразени за последните 25 години од сида во Македонија д-р Караџовски ја објаснува со фактот што расте бројот на лица кои доброволно се тестирале. Годинава е карактеристична и по тоа што нема ниту еден смртен случај, а тоа за д-р Караџовски е успех кон кој се стреми и Светската здравствена организација, а се должи на се' подобриот третман на болните со антиретровирусна терапија, која се' повеќе им го продоложува животот на болните од сида.
За д-р Ѕвонко Миленковиќ, нов национален координатор за сида во земјава, проблем е што на Инфективната клиника, која е единственото место каде што се лекуваат овие болни, пациентите доаѓаат во многу напредната фаза на болеста. „Терапија има за сите болни чија фаза на болеста ја бара првата линија на лекови од медицината базирана на докази. Моментно се лекуваат околу 60 болни. Има и доволно тестови за да се следи ефектот од терапијата“, вели д-р Миленковиќ.
Ако се знае дека во државата со ХИВ-инфекција живеат 98 лица, а на клиниката се лекуваат само шеесет, се поставува прашањето како се лекуваат останатите. Д-р Караџовски објаснува дека сите регистрирани не остануваат да се лекуваат во земјава.
Наспроти тврдењата на лекарите, од невладината организација „Заедно сме посилни“, каде што членуваат лица со ХИВ-инфекција, тврдат дека се' уште има ХИВ-заразени кои не ја примаат соодветната терапија, бидејќи има болни кои не реагираат на првата линија на лекови. „Не сме сигурни ни колку ќе ги има тестовите за ефикасноста на терапијата ако се знае дека на нив се чекаше речиси две години, а се набавија годинава во септември“, укажуваат од невладината организација, од каде што најавија нови решенија за нивните проблеми.
И натаму главен лек за сида е превенцијата. „Кон секого треба да се однесуваме како кон потенцијално заразен, зашто сидата секаде околу нас“, потенцира д-р Јованка Костовска, раководителка на превентивниот сектор при Министерството за здравство. Превентивните активности продолжуваат со несмален интензитет и годинава место Ден посветен на сидата, ќе има Месец на сидата. „Во училиштата ќе се одржат едукативни предавања, а ќе се делат и кондоми меѓу младите“, додаде д-р Костовска. Од деветте милиони денари предвидени во државната програма за сида, како што информира д-р Костовска, место три милиони денари, годинава за набавка на терапија ќе бидат издвоени шест милиони денари. За 25 години 166 случаи на ХИВ
За 25 години колку што ја има сидата во земјава, откриени се 166 ХИВ-случаи. Од нив 69 се починати.
И натаму ХИВ-инфекцијата најчесто се пренесува по хетеросексуален пат, односно трансмисија од маж на жена и обратно, имало кај 99 случаи. Потоа, следува хомосексуалниот пат на зараза или на овој начин се заразиле 42 лица.
Најмладиот пациент е на возраст од 4 години, додека најстариот е 64 години. Најчесто се разболуваат лица од 20 до 39 години, во која има 68 случаи. На возраст од 0 до 19 години има осум случаи.
|